Свет
(Видео) Маж со тешка повреда на ‘рбетот повторно прооде благодарение на имплант
Швајцарски научници развија имплант со кој маж со тешка повреда на ‘рбетниот столб повторно прооде. Ова е прв случај човек со целосно пресечен ‘рбетен столб повторно да успее да оди.
Мајкл Рокати останал парализиран по сообраќајна несреќа со мотор. ‘Рбетниот столб му бил целосно отсечен и воопшто не ги чувствувал нозете. Но, по поставувањето на електричниот имплант повторно ги направил своите „први чекори“.
Експертите нагласуваат дека ова не е универзален третман за повреди на ‘рбетот и дека технологијата сè уште е премногу комплицирана за да се користи во секојдневниот живот.
„ Можам да станам, да одам каде сакам, можам да се качувам по скали – тоа е речиси нормален живот. Порано се занимавав со бокс, трчање и вежбање во вежбалница. По несреќата повеќе не можев да ги правам работите што ги сакам, но не сакав да се откажам. Никогаш не ја прекинав рехабилитацијата. Сакав да го решам овој проблем“ – додаде тој.
Брзината на закрепнувањето на Мајкл го воодушевила и неврохирургот кој ја извршил оваа операција, односно вградил имплант и поврзал електроди на одделни нервни влакна.
„Бев крајно изненаден. Мајкл е апсолутно неверојатен. Со оваа нова технологија треба да напредува сè повеќе и повеќе“, изјави Џоселин Блок од Институтот ЛНТМ.
Д-р Рам Харихаран од Северната општа болница во Шефилд истакна дека вакво нешто досега не е направено.
„Не сум слушнал за никакво истражување во кое на пациент со целосно исечен ‘рбетниот мозок му бил вграден имплант и на кој потоа можел да ги движи мускулите доволно за да застане и да оди “, рече Харихаран, додавајќи дека се потребни повеќе клинички испитувања пред да се покаже дека тоа е навистина ефикасен третман.
Нервите во ‘рбетниот мозок испраќаат сигнали од мозокот до нозете. Кога овие нерви се оштетени, некои луѓе остануваат парализирани. Во случајот на Мајкл, неговите нозе воопшто не добивале сигнали бидејќи ’рбетниот столб му бил целосно отсечен. Се покажа дека имплантот може успешно да ги испрати овие сигнали, кои му овозможија повторно да оди – но само кога ќе се вклучи имплантот, наведе Index.hr.
Би-би-си јавува дека досега девет лица примиле имплант и си ја вратиле способноста за одење. Никој од нив не ги користи како помош за одење во секојдневниот живот, бидејќи во оваа фаза е премногу комплицирано – наместо тоа, тие ги користат за вежбање одење кое ги зајакнува нивните мускули, го подобрува здравјето и често враќа малку движења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

