Свет
Првите американски војници пристигнаа во Романија
Првите американски воени трупи кои ги зајакнаа сојузничките сили на НАТО на источното крило пристигнаа во Романија, потврди романскиот министер за одбрана Василе Динчу.
Toj им рече на новинарите дека првите 100 американски војници се во Романија и дека се занимаваат со логистика.
„Американците пристигнаа. Повеќе од 100 специјализирани американски војници, заедно со нашите специјалисти за логистика, се подготвуваат, што значи дека нема да помине долго пред да пристигнат останатите војници“, рече Динчу.
САД испраќаат речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија за да ја заштитат Источна Европа од потенцијалното прелевање на украинската криза. Пентагон објави дека ескадрилата Страјкер, од околу 1.000 американски членови од Вилсек, која се наоѓа во Германија, ќе ја премести во Романија.
Американските војници во саботата почнаа да пристигнуваат во Полска.
САД во моментов имаат околу 900 војници во Романија, која е членка на НАТО од 2004 година и е домаќин на систем за одбрана од балистички проектили.
Франција, исто така, објави дека планира да испрати војници во Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

