Економија
Русија: Ако „Северен тек 2“ не проработи ќе најдеме други купувачи за гасот
Под претпоставка гасоводот „Северен тек 2“ да не биде пуштен во употреба, Русија ќе најде други купувачи за гасот, изјави за РИА Новости постојаниот претставник на Русија во Европската Унија, Владимир Чижов.
Американскиот претседател, Џо Бајден, се закани дека „Северен тек 2“, кој веќе е поставен на дното на Балтичкото Море, но уште не е пуштен во употреба, нема да биде во случај на ескалација на ситуацијата околу Украина.
Одговарајќи на таа изјава, Чижов рече дека стартувањето на „Северен тек 2“ потребно им е првенствено на европските потрошувачи, а не толку на Русија.
„Ќе најдеме каде и како да го продаваме гасот, ако хипотетички замислиме дека нема да има ‘Северен тек 2’“, рече Чижов.
Претходно тој изјави дека Русија, односно „Гаспром“ не е обврзана да го зголемува извозот на гас во Европската Унија. Истакна дека Русија веќе испорачува дополнителни количества, иако не на ниво кое го посакува Брисел.
„Северен тек 2“ е извозен гасовод со капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно од Русија до Европа. Поставувањето на цевките е завршено, но гасоводот не може да работи без сертификација, која е стопирана.
Кога германскиот регулатор ќе донесе нацрт-одлука за сертификација, ќе биде потребно мислење од Европската комисија, која има намера да донесе заклучок по консултации со Украина.
Во меѓувреме, цените на гасот на европскиот пазар се зголемија многукратно во однос на минатото лето. Властите во европските земји постојано ја обвинуваат Русија дека предизвикува енергетска криза. Русите, од друга страна, велат дека му понудиле на Брисел продолжување на соработката во форма на долгорочни договори, но Европската комисија инсистирала на пазарните цени, што довело до криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР
Економија
Средба Ангеловска-Бежоска – Камер: Претпазливите политики на Народната банка клучни за одржувањето на макроекономската стабилност
Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4%, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30% во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, којашто се одржува во Порторож, Словенија.
Камер истакна дека претпазливите политики на Народната банка беа клучни за соодветно надминување на кризниот период и важно е да се продолжи на тој начин. Ова ја нагласува важноста од зачувување на независноста на централната банка.
Гувернерката посочи дека, во период од една година, инфлацијата петкратно се намали и се сведе на пониски едноцифрени стапки, додека јазот помеѓу домашната и инфлацијата во еврозоната значително се намали. Истовремено, и покрај затегнувањето на монетарната политика, стабилноста на домашниот банкарски сектор беше зачувана, а истовремено беше зголемена отпорноста со преземањето на макропрудентните мерки од страна на централната банка. Во изминатите неколку кризни години, показателите покажуваат дека адекватноста на капиталот е на највисоко ниво во изминатите 17 години, додека нефункционалните кредити се блиску до историски најниското ниво. Кредитната активност, иако во еден период забави, и натаму претставува значителна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до Камер за значајната поддршка којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка во справувањето со неодамнешните незапаметени шокови.