Македонија
Oтворен првиот мал групен дом за лица со попреченост во Велес
Деинституционализацијата продолжува, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, од Велес каде денеска ја промовираше првата единица за живеење со поддршка, во која се сместени пет поранешни корисници на Специјалниот завод Демир Капија. Согласно индивидуалните потреби на корисниците, 24 часа се грижи тим од негуватели и стручни соработници, од „Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченост – Велес“.
Според министерката, спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, и во услови на пандемиска реалност, е еден од врвните приоритети на Министерството за труд и социјална политика.
„ Со деинституционализацијата на лицата со попреченост се овозможува инклузија на лицата и воедно се дава шанса тие да дадат свој придонес во општеството. Треба да ги заборавиме и да ги отстраниме сите предрасуди, стереотипи поврзани со лицата со попреченост. Малиот групен дом на новите станари им дава можност да се чувствуваат рамноправни жители на заедницата бидејќи домот во кој живеат, не се разликува по ништо од оној на соседите. Тие веќе имаат секој своја соба, свое шкафче и свое интимно катче. Поради задоволството, условите и грижата што ја видов овде, за овие лица, ние ќе продолжиме со истата посветеност, затоа што сме убедени дека никој не смее да живее на маргините од општеството. Деинституционализацијата е долгорочен процес и бара континуирани напори и посветеност, но истовремено нè доближува до европските практики и стандарди на полето на социјалната заштита“, рече министерката Тренчевска.
Таа порача дека соработката помеѓу Министерството, граѓанските здруженија и локалната власт, во примената на социјалните услуги, покажува како се гради едно општество за сите. Ги повика здруженија да се лиценцираат за давање социјални услуги, како предуслов за добивање финансиски средства од државата. Информираше дека наскоро во општина Демир Капија ќе се отворат две нови станбени единици и дека новиот тригодишен Акциски план за спроведување на Националната стратегија за деинституционализација во периодот 2022-2024 година наскоро ќе биде објавена.
Претседателка на „Здружението на лица со церебрална парализа – Велес“, Далиборка Златева, рече дека како прв лиценциран давател на социјалната услуга – живеење со поддршка, во Општина Велес, подготвени се за нега, грижа, социјализација и интеграција во општествениот живот на лицата со попреченост и дека во наредниот период очекуваат да се отворат уште четири дома.
„Да градиме свет без бариери со еднакви можности за сите “, рече Златева.
Според градоначалникот на општина Велес, Марко Колев, грижата за најранливите е одговорност на целото општеството и затоа е непоходно подигнување на јавната свест и прифаќање на овие лица како рамноправни чинители, кои понатаму ќе можат да дадат придонес кон локалната заедница.
Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин, рече дека ќе продолжат со поддршката и соработката во интерес на граѓаните.
„Нашите општества мора да научат да се борат против дискриминацијата и различноста да ја гледаат како позитивен елемент“, рече Худолин.
Деинституцонализацијата започна во 2017 година, кога во резиденцијалните социјални установи во земјата беа сместени повеќе од 480 корисници – деца и возрасни, со и без попреченост. Денеска во овие установи има помалку од 240 лица, но ниту едно дете под 18-годишна возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.
Македонија
Левица ќе поднесе интерпелација за антикорупционерката Цвета Ристовска
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави интерпелација за членката на Антикорупциската комисија (ДКСК), Цвета Ристовска. Интерпелацијата, како што велат од Левица, доаѓа по скандалите коишто деновиве ги изнесе на виделина партијата, но и низата скандали коишто ја пратат Ристовска веќе месеци наназад.
„Не знаеме кој по ред скандал е ова со членката на ДКСК, Цвета Ристовска“, рече Крмов и образложи дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функција, не биле пријавени две фирми на нејзините деца, Буcт ДООЕЛ и Буcт Медиа ДООЕЛ. Според Крмов токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранеше Ристовска дека наводно законот не ја обврзува бидејќи не живеела со децата“, рече Крмов и посочи дека ваквото објаснување е контрадикторно, бидејќи во анкетниот лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите што создава сомнеж дека токму тие биле свесно изоставени.
„Значи, или Ристовска не го познава законот или, децата фактички со неа. Таа е обврзана, но свесно ја испуштила таа фирма затоа што имаме директно конфликт на интереси, каде најголемата политичка партија, којашто е моментално на власт, фактички добила тендер за изборите“, кажа пратеникот.
Крмов потсети дека има и редица други примери во кои не се реагира или се заташкуваат на случаи на функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓу нив посочи на случајот со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, а претходно „Сити Логистик“, основана од таткото на Томовски, која добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра, а случајот, како што рече, е заташкан. Исто така, потсети и на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и сомнежите за неговата фалсификувана диплома и непоседување на невалиден ТОЕФЛ сертификат.
„Убаво го паметиме случајот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што излезе дека Ристовска била предавач на истиот факултет, на истиот приватен универзитет каде што тој наводно заврши, бидејќи имаше анонимна пријава дека му е фалсификувана. Прво беше дека не била предавач, па после била предавач, па после од истиот универзитет нејзината слика беше отстранувана, па потоа сликата беше враќана, па предметот за Христовски падна кај неа. Некако интересно е како предметите на високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат баш кај Цвета Ристовска“, истакна Крмов.
Од Левица најавуваат дека интерпелација е веќе подготвена и ќе биде поднесена во наредните денови, со цел да се отвори институционална одговорност за работата на членката на Антикорупциската комисија и да се спречи натамошна партизација и селективна правда.
Македонија
Василевска и Вајц во Скопје: Дијалог за реформите и европската перспектива на земјата
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ и ЕУ, Иванка Василевска се сретна со известителот на Европскиот парламент за нашата држава, Томас Вајц, кој престојува во работна посета на Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби и динамиката на спроведување на реформската агенда, во контекст на европската интеграција. Во текот на разговорите беше даден осврт на клучните реформски приоритети, како и можностите за дополнително унапредување на реформските процеси во наредниот период.
Известителот на Европскиот парламент информираше за тековните и претстојните активности во рамки на подготовката на извештајот за земјата, вклучително и фазите на собирање информации, како и постапката за разгледување и усвојување на извештајот во надлежните тела на Европскиот парламент.
На средбата беше истакната важноста од одржување на континуиран дијалог и соработка со европските институции имајќи ја предвид европската перспектива на земјата.

