Македонија
Бочварски: Потребно е регионално поврзување и модернизација на железницата на Западен Балкан
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска се обрати на првиот состанок на мрежата на компании за железничка инфраструктура од Западен Балкан во организација на Секретаријатот на транспортната заедница.
Целта на серијата состаноци е да се разгледаат можностите за регионално поврзување и унапредување на железничкиот систем во државите од Западен Балкан.
„Денешното присуство на управителите на претпријатијата за железничката инфраструктура претставува силна потврда за посветеноста и јасен сигнал дека железничката инфраструктура и состојбата со железничката мрежа е врвен приоритет на земјите од Западен Балкан. Во последната деценија владите во регионот посветуваа внимание на развојот на железницата и железничкиот систем. И покрај тоа што реформите во железничкиот сектор се долги, сепак овој процес е повеќе од неопходен. Ќе се согласите со мене, наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде еднакво значаен и развиен како и во земјите на Европската Унија и да биде признат и препознаен како безбеден, побрз и еколошки транспорт“, изјави Бочварски
Тој се осврна и на состојбата во Република Северна Македонија.
„Двата коридора, 8 и 10, кои поминуваат на територијата на Република Северна Македонија, ја прават земјата важна крстосница во регионот. Коридорот 10 е главната артерија по која се одвива транзитниот желенички транспорт. Во однос на доизградбата на железничките делници на Коридорот 8, сакам да ја потенцирам дека политичката определба на оваа Влада, но и заедничката посветеност на Република Северна Македонија, Бугарија и на Албанија, преку потишаните меморандуми за соработка и реализација на проектите по должината на овој коридор. Според нашата национална стратегија, очекуваме источниот дел од Коридорот 8 да биде завршен во 2027 година“, изјави Бочварски.
Министерот за транспорт и врски додаде дека бенефитите од железничкиот транспорт се неколкукратни и затоа сите ние треба да продолжиме да работиме на модернизација преку заеднички проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

