Македонија
Тренчевска: Германија е наш поддржувач во унапредување на работничките права, социјалната заштита и родовата еднаквост
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн и заменик-амбасадорот и раководител на економскиот сектор во германската амбасада, Ото Граф.
На средбата се разговараше за областите кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а во кои има тесна соработка со Република Германија, како што се работните односи, социјалната заштита, родовата еднаквост, заштитата од дискриминација и превенција и заштита од трговија со луѓе.
Министерката Тренчевска потенцираше дека унапредувањето на работничките права, статусот на работниците и воопшто подигнувањето на животниот стандард на граѓаните е приоритет на Владата и Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока таа информираше дека денеска измените на Законот за минимална плата ќе бидат претставени пред пратениците во Собранието на Северна Македонија.
„Низ социјален дијалог, се донесе најодржливото решение за утврдување на минималната плата. Заедно со социјалните партнери преку отворена дискусија, дојдовме до решение кое одговара на сите засегнати страни. Минимална плата од 18.000 денари и измена во критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Притоа, таа нема да биде пониска од 57 % од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година“, рече Тренчевска.
Министерката рече и дека Владата обезбедува финансиска поддршка за работодавачите во делот на придонесите на нето зголемената минимална плата.
Германскиот заменик-амбасадор Граф рече дека од страна на германските инвеститори во државата ова решение има голема поддршка, како и дека тие се стремат кон достигнување на европски плати и за работниците во Северна Македонија.
Од страна на германската амбасадорка беше посочено дека постоењето на социјален дијалог во општеството е од особено значење, но и чувството на граѓаните дека се дел од него, преку мерки и политики кои се во нивни интерес.
На средбата стана збор и за законското решение недела -ден на неделен одмор, во смисла на исклучоците и неопходноста на одредени дејности да работат во недела, кои законот ги предвидува, а согласно тоа работниците да добијат надомест за работа во недела и слободен ден, во текот на следните седум дена.
Соговорниците ја потврдија одличната соработка на Министерството со Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, на полето на социјалното претприемништво, формализација на сезонската, неформална работа, трговија со луѓе, како и антидискриминацијата и политиките за родова еднаквост.
Министерката рече дека Законот за заштита од дискриминација има големо значење и во однос на усогласување на нашето со европското законодавство, но и за нашите граѓани, потоа Законот против насилство на жените и заштита од друг вид на насилство и новиот предлог-закон за родова еднаквост, кој е во финална фаза, се актуелните Закони за кои Министерството одговорно застана.
Соговорниците изразија подготвеност на продолжување на добрата соработка и негување на добрите пријателски односи и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

