Економија
Ковачевски: За лозарите и за винарите нема веќе неизвесност, обезбедена е поддршка за производство и откуп на грозјето

„Грижата за земјоделците и конкретно за лозарите е постојана – затоа резултатите се видливи и претставуваат дополнителна мотивација. И покрај економската криза, во текот на 2021 година регистрирано е зголемено откупување грозје кај регистрираните откупувачи, а исто така зголемен е и извозот на вино од нашата земја, што достигна ниво од 49 милиони евра во минатата година“, рече Ковачевски при закројувањето на лозјето во село Трстеник, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и истакна дека владината долгорочна стратегија за обезбедување сигурно производство и откуп на грозјето ја надмина долгогодишната неизвесност на лозарите и обезбеди поволен амбиент за стопанисување и за лозарите и за винарниците.
Честитајќи им го денешниот празник на лозарите и посакувајќи успешна година и за лозарите и за винарите, Ковачевски посочи дека Владата со динамично темпо ги исполнува ветувањата кон земјоделците и лозарите за што има видливи резултати.
Лозарите уште на почетокот на новата лозарска година, исто како и лани, ги добија субвенциите за поддршка и го почнаа новиот циклус со средства што ќе им помогнат успешно да ја затворат годината. Тој додаде дека во оваа насока од голема помош е и зголемувањето на поддршката со цел анулирање на зголемените трошоци за нафта, како и мерките од ИПАРД-програмата, кои обезбедуваат инвестиции за изградба на винарници, набавка на опрема и други потребни средства за модернизирање и развој на оваа гранка.
„Во таа насока е и поддршката за микровинарниците. Сега тие имаат можност да аплицираат за грантови во висина од 10.000 евра за опрема и консултантски услуги на енолози, за поефикасно работење и пласман на поквалитетни производи“, истакна Ковачевски, кој ја посети винарницата „Гоце Делчев“, а потоа ќе ги посети и Кавадарци и Демир Капијa.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, потенцира дека во однос на субвенциите исплатени се над 9,4 милиони евра субвенции за лозови насади на 13.854 лозари, а од 2017 година за поддршка на лозарите за мерката за исплата од површина исплатени се речиси 45 милиони евра.
„Секогаш кога имаше потреба, кога лозарите се соочува со проблеми, помагавме со дополнителни мерки, исто како што помогнавме и во здравствено-економската криза предизвикана од ковид-пандемијата. Вкупно за 4 години за дополнителни мерки и преку Ковид-програмата за поддршка на лозарите исплативме над 16 милиони евра“, истакна Николовски ,кој оцени дека со владината поддршка се реши еден долгогодишен проблем на лозарите враќајќи ги парите кај лозарите што им ги должеа некои од винарниците за да може повторно да инвестираат во лозовите насади.
На денешниот настан беа упатени пораки до лозарите дека Владата останува партнер на лозарите и винарите и продолжува со мерките и стимулациите за производство на квалитетно вино на пазарот за што поголема промоција на квалитетното вино од нашата земја и зголемување на извозот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.