Македонија
(Видео) Градоначалникот на Центар го претстави сработеното во првите 100 дена
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го претстави сработеното во првите 100 дена од мандатот. Неговата прва активност како градоначалник на општината беше почнување постапка за отворање нова комунална дејност на ПОЦ како клучно барање на граѓаните во предизборниот период.
„При стапување на функцијата веднаш се зафатив со почнување на постапката за отворање нова комунална дејност во Јавното претпријатие ‘Паркинзи на Општина Центар’ со цел да го подигнеме нивото на хигиена во нашата општина. Сите процедури во врска со постапките и анализите треба да завршат набргу по што општина Центар ќе биде единствена скопска општина што ќе има свое комунално претпријатие. Во меѓувреме, организиравме и големи акции за чистење во сите основни училишта, разни локации во општината, како и на Градежниот факултет, од каде што собравме повеќе од 7 тони смет. За 100 дена, општината е веќе почиста, но работа има уште многу“, изјави Герасимовски.
За раззеленување на општината, Герасимовски рече дека засадени се 1.008 нискостеблести садници на потегот на улицта Орце Николов и поставени се 50 жардиниери на улицата Боемска 2, од каде што се извадени бетонските топки. Притоа тој потенцира дека новата општинска власт, поставувајќи 47 столпчиња на улицата, решила голем проблем со сообраќајот кај пекарницата „Силбо“, а воедно е подигната и безбедноста на пешаците. Во делот на паркирањето, враќајќи ја надлежноста на улиците под Општината, обезбедени се 134 резидентни паркинг-места само на улицата Ленинова во Дебар Маало. Герасимовски исто така рече дека веќе е почната градежна офанзива за реконструкција на улици.
„Почнавме вистинска градежна офанзива во првите 100 дена. На почетокот на неделава почнавме со реконструкција на улицата Дебарца и продолжуваме со улицата Црвена Вода и „Партизанска“, како дел од реконструкцијата на 14 улици во општина Центар. Претходно, поставивме нова водоводна мрежа на улицата Отон Жупанчиќ во Дебар Маало“, рече Герасимовски.
Општинската власт, рече Герасимовски, извршила уплата на 35.000 евра за реконструкција на покриви и лифтови, со што овозможила обнова на 6 покривни конструкции и поправка и санација на лифтови во 9 згради. Во делот на урбанизамот тој рече дека си стои на зборот дека нема да дозволи градби што излегуваат надвор од законот.
„Во делот на урбанизамот извршивме неколку вонредни инспекциски надзори на Водно по повод новите градби и будно ја следиме состојбата. Јас уште еднаш го повторувам моето предизборно ветување дека нема да толерираме никаква отстапка од законските прописи. На уливата Самуилова на Калето веќе отстранивме нелегално изграден објект на непознат инвеститор. Стануваше збор за објект од втора категорија, со димензии 10 на 5,5 метри, изграден од армирано-бетонска конструкција При овие интервенции клучна е дојавата од граѓаните и затоа практикувам лични средби жителите. Во неколку наврати досега на моја покана се сретнав со жителите на Водно, од улицата Мирослав Крлежа, ‘Ленинова’, жителите околу пазарчето ‘Буњаковец’ и Црвениот крст. На овие средби и на отворените денови во Општината секогаш присуствуваат и претставници од општинските служби, со што граѓаните директно добиваат одговори за нивните проблеми или барања. На овие средби граѓаните ме информираа дека некои од нив чекаат и по 10 години за легализација на објектите по што потпишав 100 решенија за правна сопственост на објектите“, изјави Герасимовски.
Во првите 100 дена од мандатот Герасимовски изјави дека е исполнето предизборното барање на лицата со оштетен слух и пензионерите, со кое едните добија бесплатно паркирање на сите паркинзи на ПОЦ во целата општина, а другите нов пензионерски клуб во Беверли Хилс. За пензионерите, Герасимовски рече дека општинската власт ја зголемила саатницата на услугите во проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ и воведена е административна помош од лица од општинските служби.
За инвестициите во образованието, тој спомена дека реконструирани се сите тоалети во детската градинка „13 Ноември“ во објектот „Јасмин“ и доставени се 100 прочистувачи за воздух во сите градинки и основни училишта во општината. Исто така, Општината за овие 100 дена доделила над 90 стипендии. Тој исто така најави дека многу набргу почнува и доградба на училници во основното училиште „Коле Неделковски“ и изградба на првата градинка во населбата „Пролет“. Општинската власт во овие 100 дена обезбедила бесплатни стоматолошки услуги во висина од 50.000 денари за учениците од социјално ранливите категории, како и 7.000 денари за 100 семејства што имаат новороденче.
Герасимовски порача дека ќе продолжи да работи на проектите со силна мотивација за граѓаните да ја имаат општина Центар онака како што ја сакаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

