Македонија
(Видео) Ковачевски: Поддршката за лозарите и винарите значи економски развој, нови вработувања и конкурентност

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска посети повеќе места во Тиквешкиот регион, честитајќи го Св. Трифун и посакувајќи успешна година на лозарите и винарите, при што истакна дека Владата останува партнер за развој на земјоделските дејности со најголем раст во нашата земја.
Премиерот Ковачевски во Демир Капија и Кавадарци ги посети винарниците „Кралица Марија“, „Попови“, и винарниците на Тиквеш во селата Трстеник и Лепово, и со нивните први луѓе разговараше за долгорочната стратегија на Владата која меѓу другото вклучува мерки за подобрување на амбиентот за стопанисување, поволен и за лозарите и винарниците.
Дел од тие мерки се и измените во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството со авансната финансиска поддршка, зголемениот износ за мерката зелена нафта, како и грантовите за малите винарници.
Заедно со останатите мерки, како и со мерките од ИПАРД Програмата, кои се дополнителна поддршка за модернизирање и развој на оваа гранка преку инвестиции за изградба на винарници и набавка на опрема и друго, поддршката за лозарите и винариите обезбедува економски развој на Тиквешкиот регион, нови вработувања и конкурентност на производите на домашниот и странскиот пазар.
Премиерот Ковачевски, на денешните средби со лозарите и винарите, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Абдулшуќур Абедини и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, потенцираше дека Владата продолжува со мерките и стимулациите за производство на квалитетно грозје и вино на пазарот, со цел негова поголема промоција и зголемување на извозот, оценувајќи дека се надминати времињата на неизвесност за лозарите и винарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.