Македонија
(Видео) Лазаревска: ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот за плати во образованието, туку да дадат оставки за „Титаник“

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните, не се грижи за нивните интереси и благосостојба и единствено што сака е со политички манипулации да заработи ситни партиски поени, изјави пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Таа ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека цела година го блокираат донесувањето на предлог-законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и со тоа, како што нагласи, директно го оневозможија покачувањето на нивните плати и трансформацијата на работниот однос на над 4.700 наставници и стручни работници.
„Откако цела година оневозможуваше сите наставници и стручни работници во основното и средното образование да добијат повисока плата и насилно и со празни процедурални забелешки ја кочеше собраниската процедура, сега ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам признава дека предложеното законско решение е добро и исто такво доставува во собраниска процедура.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното однесување и над 4.700 наставници и стручни соработници, кои со години посветено работат на образованието и воспитувањето на нашите деца, ги етикетира како партиски послушници. Ова е уште еден доказ за лицемерството на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија ниту мисли на граѓаните, ниту сака тие да имаат повисоки плати ниту се грижи за нивниот животен стандард, а најмалку се грижи за квалитетно образование на децата“, рече Лазаревска.
Таа додаде дека граѓаните ги препознаваат проѕирните игри на ВМРО-ДПМНЕ и точно знаат дека политиките на оваа партија не носат ништо добро за нашата земја и за нашите граѓани.
„СДСМ со конкретни политики и решенија го подобри стандардот на граѓаните, 100 проценти ја покачи минималната плата, а работи и на покачување на платите во сите сектори. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, предложен од Владата, со кој им се покачува платата на наставниците и на стручните соработници и со кој се трансформира нивниот работен однос, ќе биде изгласан“, посочи Лазаревска.
Ја повика опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да престане со, како што го нарече, неодговорното постапување и да се откаже од блокадите на ова, но и на други законски решенија што носат придобивки за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шалтерите на ЈП Водовод и канализација – Скопје утре нема да работат

ЈП Водовод и канализација – Скопје известува дека на ден 11.10.2025 година ( сабота ), по повод државниот празник, Ден на народното востание на македонскиот народ, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
Во понеделник, 13.10.2025 година, се продолжува со редовно работно време.
Македонија
Манасиевски: Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани наместо во затворски притвор, доби куќен притвор

Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани кој е близок до Заев и Филипче наплатил по 16.000 денари за час ископ со машини во РЕК. Криминалот кој траел со години и кој заврши со испумпување на над 200 милиони евра од тендери од РЕК и ЕСМ сега е на пат да биде амнестиран. Нема да дозволиме судството на СДС и ДУИ да ги ослободува криминалците кои ја украдоа државата. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?“, рече тој.
Манасиевски најави дека во наредните неколку денови ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со објавување на, како што кажа, криминалите на Марковски компани, за целата јавност да се запознае како е ограбувана Македонија.
Македонија
Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски
Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.
„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.
Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.