Економија
ММФ: Монетарната политика е соодветна, а девизните резерви овозможуваат стабилен девизен курс

Народната банка води соодветна олабавена монетарна политика бидејќи инфлацијата е, пред сѐ, глобален феномен. Во согласност со глобалните трендови, повисоката инфлација веројатно ќе се задржи подолго во однос на претходните очекувања намалувајќи се во текот на втората половина на 2022 година. Во наредниот период Народната банка треба будно да ги следи движењата и потенцијалните ризици нагласувајќи ја подготвеноста за реакција доколку е потребно. Ова е заклучено од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во извештајот од редовната мисија во земјата.
Фиксниот курс на домашната валута со децении е котва на стабилноста на домашната економија, забележуваат од Фондот и посочуваат дека девизните резерви се одржуваат на соодветно ниво и овозможуваат доволно простор за задржување на стабилноста на курсот.
Во извештајот на ММФ се изнесени оцени и за неколку други аспекти во доменот на централната банка: навремениот и силен одговор на Народната банка го ублажи ударот што пандемијата ѝ го зададе на економијата, а понатаму помогна во економското закрепнување. Како што посочува ММФ, регулаторната флексибилност за време на пандемијата беше значително искористена и им помогна како на корисниците на кредити за надминување на предизвиците со ликвидноста, како и на банките.
Мерките на Народната банка придонесоа за зачувување на финансиската стабилност. Тековните реформи за јакнење на макропрудентната рамка и за заштитната финансиска мрежа се клучни.
Банкарскиот систем е добро капитализиран. Стапката на адекватност на капиталот во септември 2021 година надмина 17 %, поддржана од солидната капитализираност пред пандемијата и мерката на Народната банка за привремено ограничување за исплата на дивиденди од страна на банките. Стрес-тестовите на Народната банка покажуваат дека нивоата на капиталот на банкарскиот систем ќе бидат над минималните барања и во ризично сценарио.
Народната банка е високотранспарентна и отчетна институција. За да се обезбедат навремени одлуки и да се зачува оперативната автономија како супервизор, од највисок интерес е да се одржи независноста на централната банка, посочуваат од ММФ. Во согласност со препораките на Програмата за оцена на финансискиот сектор (ФСАП) на ММФ и Светската банка од 2018 година, Фондот во извештајот посочува дека Народната банка треба да се исклучи од Законот за административните службеници. Народната банка има соодветна рамка на внатрешни механизми за донесување на одлуките и за спроведување на активностите. Ова беше заклучено во 2020 година кога мисија на ММФ спроведе проверка и на интерните контролни механизми во Народната банка. ММФ и во овој случај посочи на потребата за измени во законската рамка заради зајакнување на независноста на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лоши прогнози за германската економија

Германската економија ќе падне за 0,2 проценти оваа година оставајќи ја земјата во рецесија, според новите прогнози на Германскиот економски институт (IW). Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни IW.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа и големите купувања, како што се нови машини и возила. Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
IW заклучува дека Германија, со домашен бруто-производ (БДП) кој се намалува за 0,2 проценти во 2024 година ќе остане во рецесија.
Најголемиот ризик за глобалната економија оваа година, според IW, е трговската политика на САД. Без царинските политики на САД, глобалното економско производство во 2025 година можеше да биде повисоко за 0,8 проценти, соопшти институтот.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор остануваат мрачни. Се очекува индустриските компании да генерираат помала додадена вредност оваа година по падот од 3 проценти во 2024 година. Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и зголемената регулатива вршат дополнителен притисок врз бизнисите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања оваа година, при што високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
IW исто така забележа дека овие трендови сега влијаат на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото бројот на невработени би можел да достигне три милиони, бројка што не е евидентирана од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на одделот за макроекономски истражувања на IW, Михаел Гремлинг, изјави дека новата германска влада има можност да го промени трендот посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирањето на економијата.
Економија
Димитриеска – Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.
„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .
Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.
Економија
Бислимоски: Oд 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар во Косово, одлична бизнис-можност

Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде што почнува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Ова беше повод Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да иницира состанок на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентира чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
„Откога ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме заемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега, за помалку од еден месец, односно од 1 јуни, ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис-можност за наште снабдувачи и трговци“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор, Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО), Имер Фејзулаху, им посака добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
„Ова е само меѓучекор кон приклучување кон единствениот пазар што го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција“, изјави Имер Фејзулаху од ЕРО (Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово) (Energy Regulatory Office).
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави, РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа меморандум за соработка со кој заемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.