Македонија
Тренчевска – Улман Марти: Швајцарската поддршка се реализира преку социјална политика за вработување на ранливите групи
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман Марти. На средбата се разговараше за тековните и идните проекти финансирани од швајцарски фондови и приоритетите на Министерството во областа на трудот и социјалните политики за идниот период. Министерката Тренчевска рече дека швајцарската поддршка се реализира преку креирање можности за вработување на ранливите групи и дека очекува проширување на добрата соработка за прашања поврзани со социјалната реформа.
„За мене како министер и за Владата, приоритет ни е да ги активираме ранливите категории на пазарот на трудот за да може тие сами да си обезбедуваат средства за егзистенција. Швајцарската поддршка ја реализираме преку социјалната политика преку која креираме можности за вработување на ранливите групи, младите, лицата со попреченост, Ромите. За да станат проектите одржливи, соработката меѓу Владата, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор ќе продолжи затоа што за нас сите граѓани се еднакви“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека во оперативниот план се имплементирани мерките за вработување и дека во моментот се работи на повеќе закони што ги унапредуваат и регулираат односите во областа на трудот и социјалната политика.
Амбасадорката на Швајцарија во земјата, Вероник Улман Марти, изрази задоволство за веќе реализираните проекти, финансирани и потпомогнати од швајцарската влада. Покрај повеќето проекти за кои постои заедничка соработка, таа го издвои проектот „Креирање и можности за работа на сите“, кој ги поддржува процесите на активација на младите, ранливите категории граѓани, вклучително Ромите и лицата со попреченост. Таа потенцира дека поддршката ќе продолжи и во делот на обезбедувањето поефикасно функционирање и јакнење на работата на институциите.
На средбата беше посочено дека Швајцарската Конфедерација како земја донатор и понатаму ќе го поддржува остварувањето на приоритетите и проектите значајни за нашата земја, утврдени во Програмата за соработка на Швајцарија со Северна Македонија 2021 – 2024 година. Швајцарската влада финансира проекти од областите на социјалната заштита, родовата еднаквост и транспарентност во работата на општините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

