Македонија
Стојановска: Владејачкото мнозинство вчера го покажа своето вистинско лице и гласаше против зголемување на пензиите
Лицемерството и дволичноста на СДСМ го достигна врвот. Владејачкото мнозинство вчера го покажа своето вистинско лице и гласаше против зголемување и усогласување на пензиите, обвини Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка, со кој сметавме дека е потребно итно зголемување и усогласување на пензиите почнувајќи од април оваа година.
Инфлацијата и зголемувањето на цените на многу производи од секојдневниот живот, зголемувањето на сметките за електрична енергија, како и поскапувањето на парното греење, доведоа до тоа граѓаните едвај да врзуваат крај со крај. Токму неспособноста на СДСМ е главниот виновник за ценовните шокови што удрија директно по џебот на граѓаните.
Имајќи го предвид фактот дека во изминатите месеци незапирливо растат цените на секое поле, кои се од витално значење за пензионерите, ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата баравме итно да се реагира и да се зголеми старосната пензија и сите други видови пензија. Со нашиот предлог-закон баравме веднаш сите видови пензии во согласност со законот да се усогласат на начин што вкупниот износ на исплата на пензии за април 2022 година би се зголемил 20 %, односно приближно 3.000 денари од пензионер“, рече Стојановска.
Според неа, овој предлог е брзо решение и има цел да се анулираат лошите ефекти од кризата и пензионерите да не почувствуваат негативни ефекти од зголемените цени.
„Сепак, во СДСМ тоа не ги интересира и мува не ги лази. Затоа македонската јавност и сите пензионери во Република Македонија мора да ја знаат вистината дека оваа власт предводена од СДСМ на вчерашната пленарна седница, без ни малку срам и одговорност за ситуацијата во која ја доведе Македонија и сите граѓани, го одби нашиот предлог за зголемување и усогласување на пензиите. Тие и владејачкото мнозинство и понатаму продолжуваат со лошата економска политика и со лошото менаџирање со државата, а жртви на тоа се сите граѓани на Република Македонија“, изјави Стојановска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до власта да ги симне розовите очила, да ѝ погледне на реалноста во очи и, конечно, да почне да работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на своите лични бизниси и лично богатење, заклучи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

