Македонија
Објавени нови препораки за лекување на Ковид-19, нема докази дека ивермектинoт помага, велат надлежните
Од денес на сајтот на Министерството за здравство се објавени препораки за лекување пациенти заразени со Ковид-19. Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски објасни дека на четириесетина страници дадени се најновите препораки за лекување кои се пред сè наменети за лекарите кои ќе можат од едно место да црпат релевантни податоци за лекувањето на пациентите.
„Целта е да не се доведуваме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана. Тука во прв ред мислам на ивермектин. Прашање и денес е дали овој лек е присутен во некоја препорака или не е. Во овие препораки нема научни докази дека тој помага во лекување на Ковид-19. Ова се сеопфатни материјали направени според последните сознанија. Почнуваат со класифицирање на стадиумот на болеста и за секоја посебна категорија, за секоја посебна фаза на болеста има соодветни препораки, исто како и за тестирање и за лекување и за тоа кога е момент да се хоспитализира пациент, која терапија да ја добие. Препораките се однесуваат и на асимптоматски пациенти и на овие со лесна клиничка слика и со средно тешка и хоспитализирани со тешка и критична клиничка слика, сите нивоа се опфатени“, објасни претседателот на Комисијата, Петличковски.
Се работи за препораки, не за протоколи, оти за да станат протоколи Петличковски рече дека треба да поминат одредена процедура во уште неколку комисии. Препораките не се обврзувачки.
Од денес се достапни не само на лекарите туку и на сите заинтересирани. На забелешката дека сега пациентите ќе можат да почнат сами да се лекуваат и да споредуваат дали добиле соодветна терапија па дури да побараат одговорност доколку не ја добиле пропишаната терапија во препораките, Петличковски одговори дека намената првенствено им е за лекарите.
„Ние може да нагласиме дека препораките се кон лекарите, не кон општата популација. Не можете да забраните некому, но наше е да ги упатиме лекарите каде да најдат најсоодветни препораки. Луѓето и сега читаат се и сами се лекуваат“, рече Петличковски.
Објасни дека препораките се направени врз основа на научните сознанија. И оваа верзија, која била четврта или петта верзија на препораките кои се користеле во минатото, ќе трпи промени и ќе се менува со менувањето на научните сознанија. Одлучиле препораките да ги објават на сајтот на Министерството за здравство оти препоракити имало и претходно, но проблеми имало со нивната дистрибуција. Со објавата, сигурни се дека ќе стигнат до сите лекари и дека ќе придонесат за поусогласен пристап до пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче продолжува да го игра бугарското сценарио и да ја понижува сопствената држава, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче продолжува да го игра бугарското сценарио за Македонија, да ја понижува сопствената држава, притоа заборавајќи дека тој и неговиот струмички ментор е виновникот заради чие предавство и прифаќање на штетен договор сега сме предмет на уцена и притисок, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат се додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и не охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина. Истовремено очекуваме овие теми да се разговараат во иднина, исто така и Филипче како притиснат на дугме да продолжи да крева паники, затоа што човекот едноставно е заложник и киднапиран и ние тука ништо не можеме.
Впрочем токму заради ова тој пред кампањата ја отвори оваа тема. Некои може сметаа дека е коинциденција или поттикнати од глупостите кои ги прават дека е незнаење, но за жал за оваа тема е сепак нешто далеку подлабоко, тоа е заложништво на Филипче и семејството од Струмица во фиоките на нашите соседи. И веќе на сите им е јасно.
Ние благодариме за извештајот. Сметаме дека е реален, има многу работи кои се заостанати и резултат на проблемите кои ги наследивме, но ќе работиме посветено на реформите и неопходните чекори за просперитет и добробит на земјата и нашите граѓани. Наша цел е членство во ЕУ. А ние ќе бидеме спремни за тоа, кога ЕУ ќе биде спремна да не прими. Во однос на Бугарите имаме јасен став и тој став знаеме дека ни носи проблеми и недоразбирања, но тоа е принципиелен став и ние сме подготвени да разговараме за непречен евроинтегративен процес на нашата земја без несвојствени и непринципиелни барања“, пишува во реакцијата.
Македонија
Филипче: Реформите не зависат од уставните измени и мора да се спроведуваат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека институционалните реформи се суштинска обврска што мора да се спроведе без разлика на политичките пречки и неизвесноста околу уставните измени. Според него, државата не може да си дозволи застој на реформскиот процес поради недостиг на политички договори или дневнопартиски калкулации.
„Кажавме уште лани дека ја поддржуваме владата да најде добро решение и гаранција дека нема понатаму да имаме блокади. Но тоа е едно прашање. Друго е реформите – тие се одвоен процес и мора да се тераат. А гледаме дека нема ниту еден чекор напред. Нема никакво поместување во тој дел“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува на ставот дека е неопходна широка дебата и национален консензус околу стратешките приоритети на државата. Како чекор во таа насока, рече Филипче, СДСМ предложи резолуција што е веќе доставена до сите парламентарни и политички партии со цел да се добие повратна реакција и конкретен став.
„Нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме и да дебатираме. Потенцирав неколку пати – тоа е предлог верзија, не е финална. Очекувам фидбек, но сè уште немам добиено официјален одговор од ниту една партија“, изјави Филипче.
Тој додаде дека сè што се однесува на стратешки национални интереси, вклучително и реформите, мора да биде предмет на консензус, а не на конфронтација. Повикувајќи на зрел политички дијалог, Филипче потенцираше дека е време сите актери да седнат на маса и да покажат дека реформите се над партиските калкулации.
„Тоа е процес што подразбира национален консензус. Мислам дека е редно да седнеме и да видиме како ќе се движиме понатаму. Ова не е момент за калкулации, туку за зрелост“, заклучи тој.
Филипче, исто така, изјави дека извештајот на ЕК јасно потврдува дека државата назадува во сите клучни области, а причината за тоа, според него, е неспособноста и недостигот на политичка волја на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во извештајот јасно стои дека реформската агенда е целосно блокирана. Не постојат суштински реформи поврзани со ЕУ, нема трајни и решителни чекори за забрзување на процесите. Споредувањето е делумно и со доцнење во сите столбови на планот за раст, слаба координација и институционалниот капацитет го загрозуваат финансирањето базирано на перформанси преку механизмот на реформи и растат“, рече Филипче.
Притоа Филипче посочи дека оваа состојба особено се чувствува во областите што се од витално значење за младите и за приватниот сектор.
„Во извештајот стои дека има ограничен напредок го подобрување на деловната клима, слабо спроведување на закон за конкуренција, нема усогласување со правилата на ЕУ, реформите за неформалната економија се во застој, слабо управување со јавни инвестиции, перзистентна корупција и правна несигурност ги обесхрабруваат инвестициите, делумна дигитална трансформација, бавен напредок во усогласување со Европската унија“, рече Филипче
Претседателот на СДСМ истакна и дека Извештајот е силен сигнал од Брисел дека Владата на Мицкоски ја води државата во погрешна насока.
„Ако добро се погледне извештајот пораката од него е јасна, не постои напредок во ниту една област дури таму кај што има технички активности нема никакви резултати. Не само што тапкаме место туку се враќаме назад. И ова не е проблем на европската унија ова не значи дека некој нас не спречува нешто да работиме ова е знак за тоа дека владата нема волја нема желба нема капацитет да ја сработи и работата којашто треба да сработи и да го испорачаат тоа што е во интерес и на граѓаните и на државата“, изјави Филипче.
Тој додаде и дека реформите што недостасуваат се суштински за функционирањето на државата и системот.
„Во бројки ситуацијата изгледа вака само 4 области се оцените како добар напредок а и тие се минорни и не се однесуваат на вистински внатрешни реформи. Во осум области нема никакво поместување вклучувајќи и најкритичните правосудството и фундаменталните права. Она што е најлошо од овој извештај во поглавјето 24 правда слобода и безбедност владата добива единица што значи драстичен пат во споредба со лани,“ истакна Филипче.
Македонија
Гаши: Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет
Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет. Затоа, заштитата и развојот на Ромскиот јазик значи заштита на меморијата, достоинството и динамиката на една заедница која дала многу на нашето општество, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на владината седница посветена на Светскиот ден на Ромскиот јазик.
Тој додаде дека ссвен институционалната одговорност, имаме и морална одговорност да гарантираме ова наследство да не остане само симбол на календарот, туку да се претвори во секојдневна реалност на еднакво учество во јавниот живот.
„Како Собрание, остануваме посветени на гарантирање на заштитата и унапредувањето на правата на Ромската заедница, преку зајакнување на инклузивните политики во образованието, културата и граѓанското учество. Иако актуелно немаме пратеник од Ромската заедница, сакам повторно да нагласам, со целосно убедување, дека секогаш ќе бидам еден одговорен и посветен глас за заштита на правата и аспирациите на оваа заедница. Додека сум тука во оваа владина сала, сакам да го охрабрам владиниот кабинет заедно да преземеме конкретни чекори за поддршка на Ромската заедница и за зачувување и развој на нејзиниот јазик. Разновидноста не е поделба, туку извор на сила, и наша должност е да го претвориме овој ден во повик за единство, меѓусебно почитување и конкретни дејствија“, рече Гаши.

