Македонија
Матичните утре на протест: Станавме административци, хигиеничари и секретари за срамни 65 денари
Матичните лекари утре нема да издаваат упати, да прегледуваат пациенти ниту да го користат системот „Мој термин“ поради револтот од тоа што никој не ги слуша нивните проблеми и не им нуди помош. Исклучок ќе бидат итните пациенти.
Лекарите со месеци алармираа дека им е прелеана чашата, но место на соработка добиваа дополнителни обврски во пандемијата, а особено разочарувачки за нив велат дека е малата капитација која изнесува 65 денари и иста како и во 2018 година.
Д-р Марија Михајлова, матична лекарка од Скопје, во повеќе наврати посочи дека ги понижуваат и им се девалвира трудот.
„За нас никој нема слух. Но, има игнорирање. За жал, принудени сме на овој чекор. Во текот на целата пандемија, како и пред неа, се справуваме како знаеме и како можеме. Станавме фотокопирници, административци, хигиеничари, секретари, покрај тоа што сме доктори“, вели Михајлова, специјалист по семејна медицина.
И Ненад Лазаров, кој по точно 10 години работа како матичен лекар, од следниот месец ја напушта оваа фела и оди да работи како специјалист во приватна болница, преку социјалните мрежи најави дека утре ќе протестира.
„Утре секој во својата ординација, достоинствено и соодветно на позивот. Целиот ден протестираме и искажуваме револт кон: 1. Игнорирање и никаква поддршка на примарно здравство во тек на целата пандемија. 2. Срамна вредност на капитационен бод од 65 иако беа ветени 95 денари. 3. Воведување партиципација во примарно здравство. 4. Олеснување од административни бремиња и промени во закон кој не регулира меѓу кои ургентно пациенти да се врзуваат со ординација, а не со конкретен лекар. Протестот значи дека ќе се работи исклучиво само со итни случаи! За се останато очекуваме разбирање и поддршка од сите пациенти со оглед на тоа дека ова се суштински моменти во кои или ќе се поправи или распадне примарното здравство. Доста е!“, стои во објавата на „Фејсбук“ на Лазаров.
Матичните лекари почнаа сериозно да договараат штрајк или некаков вид протест откако многумина во екот на последниот бран со сојот омикрон кога пациентите почнаа да ги преполнуваат ординациите, добија казни за административни прекршоци од 2019 година за кои со години се преговараше да бидат укинати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

