Македонија
Боки 13 инсистира на читање на пораките што ги разменил со високи функционери
Бојан Јовановски-Боки 13 на рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“ посочи дека останува на ставот дека мора да се изведат сите пораки кои тој ги разменил со пет членови на поранешната Влада, градоначалничка и двајца обвинители, а потоа тие да се повикаат да сведочат во судница.
Фросина Ременски побара сведок да биде министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, под услов да се изведат пораките од телефонот на Јовановски. Таа се откажа од правото да даде одбрана во оваа фаза на постапката, бидејќи не се изведени пораките од телефонот на Јовановски и додаде: „Од главната расправа произлегува дека претставници на локалната или извршната власт коишто имале конкретни овластувања непосредно, директно, усно комуницирале со Меѓународниот сојуз, но тоа не сум јас во овој случај“.
За разлика од минатиот пат, кога имаше тензично судење, сега судијката Софче Гаврилова-Ефремова му дозволи на Јовановски целосно да се искаже по однос на предлозите. Тој пак, истакна известување од лиценцираниот вештак Орце Симов во кое се наведува: „Не бевме во можност да ги пронајдеме екстрахираните пораки од Вацап. А токму на оваа апликација Јовановски тврди дека ги водел разговорите со Зоран Заев, Горан Сугаревски, Александар Кирацовски, Стефан Богоев, Наташа Петровска, Мила Царовска, Вилма Русковска, Наум Пановски.
Според Јовановски, со изведување на овие пораки кои биле во неговиот телефон, а МВР ги извади на хард-диск, ќе се увиди дека тој и останатите обвинети не сториле никакво кривично дело, иако Обвинителството ги гони. Потоа, врз основа на пораките кои бара да се читаат во судница, а вештакот не можел да ги најде во материјалите, да се повикаат сите лица за сведоци.
Тој побара да бидат изведени и комуникации со Трајче Заев со објаснување: „Тој испрати предлог локации за изградба и беше вклучен во преговорите со ГП Пелистер, односно Силјан Мицевски“.
Како нов испитан, Јовановски бараше да биде Наум Пановски, кој беше обвинител за организиран криминал: „Тој беше вклучен во постапката каде што биле замрзнати средствата и донел одлука во која се велело дека нема елементи на кривично дело и сè е легално“.
За комуникациите со Пановски, но и со Русковска, обвинетиот кажа дека биле и од лична природа. Па така, според Јовановски, случајот „Меѓународен сојуз“ бил отворен откако Русковска му го запленила телефонот во „Рекет“ и ги читала пораките меѓу него и Пановски, а кои биле со навредлива содржина за шефицата на организиран криминал, па го покренала предметот.
Обвинетиот Јовановски побара и негов распит, но тоа да биде направено хронолошки, за да се поврзат сите докази кои го замоли судот да бидат прифатени, бидејќи само така ќе се добиела јасна слика.
За разлика од минатите рочишта, денешното судење помина во мирна атмосфера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

