Македонија
Нови можности за соработка во културата, образованието, туризмот и младите и спортот меѓу Македонија и Бугарија
Во Владата денеска се одржа вториот состанок на четвртата Работна група за продлабочување на билатералната соработка меѓу владите на Северна Македонија и на Бугарија во делот на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот.
Во изјавата за медиумите по завршувањето на состанокот, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е член на Работната група, истакна дека средбата поминала во конструктивна и пријателска атмосфера во чии рамки беа разменети мислења, ставови и идеи за подобрување и за унапредување на соработката во сите сегменти.
„Заеднички беше заклучокот дека досега, во културата, се реализирани повеќе проекти и иницијативи што ја унапредија меѓуинституционалната соработка, а се реализирани и многубројни гостувања на македонски и на бугарски уметници на значајни манифестации во двете држави. Се согласивме дека оваа соработка треба да продолжи, но и да се интензивира, за што ќе придонесе и потпишувањето на новата Програма за соработка меѓу двете министерства за периодот 2022 – 2025 година. Ресорните министерства веќе работат на нејзиното изготвување“, рече министерката за култура.
Предложена е и организација на заеднички работилници за вработените во двете министерства за култура и за други корисници на средства од програми што се во функција на развој на креативните индустрии во двете држави, со партиципација на европски експерти од областа. Министерката за култура додаде дека во насока на зацврстување на административниот капацитет во перспективата на примена на европските нормативни документи во областа на културата очекува помош од Бугарија, како земја членка на Европската Унија.
Од Владата на Република Бугарија, изјава имаше министерот за образование и наука, Николај Денков. Тој се осврна на можностите за соработка во програмата Еразмус, за одржување заеднички состанок на ректорите од универзитетите од двете земји, олеснување на признавањето на дипломите од универзитетите на двете земји, и рече дека вториот состанок на Работната група беше искористен за прецизирање на динамиката на спроведување на планираните активности во сите сфери за кои оваа група е задолжена.
На денешната средба, на која учествуваа и министрите за образование и наука на двете земји, Јетон Шаќири и Николај Денков; министерот за спорт Радостин Василев; заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Џабир Доко; заменик-министерот за туризам Ирена Георгиева; директорот на АСМ Наумче Мојсоски; и директорот за промоција на туризмот Љупчо Јаневски, меѓу другото, се разговараше за соработка и во туризмот, младите и спортот.
За поттикнување на соработката во делот на туризмот, особено по отворањето на авионската линија Софија – Скопје и обратно, веќе се преземаат активности за потпишување Меморандум за соработка меѓу Министерството за туризам на Република Бугарија и Министерството за економија на Република Северна Македонија, процес во кој голема улога има и нашата Агенцијата за промоција на туризмот. Унапредување на соработката преку изготвување и потпишување документ за соработка предвидуваат и учесниците од секторот за млади и спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

