Македонија
Тренчевска: Ромската заедница останува дел од приоритетите во програмата на Владата

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со директорот на НВО „Челим“ од Италија, регионалниот претставник на проектот и со Ромскиот ресурсен центар од Скопје како имплементатори на проектот „Обезбедување пристојни услови за домување на ромската заедница“ како дел од ИПА II-акциската програма 2017, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Таа посочи дека Министерството за труд и социјална политика посветено работи на креирање политики и активности што треба да бидат одговор на предизвиците на најранливите категории граѓани. Во таа насока е и проектот што има цел подобрување на условите за домување на ромската заедница.
„Поддршката за ранливите категории граѓани, вклучително и ромската заедница, е дел и од Програмата за работа на Владата на РСМ 2022 – 2024 година, каде што се наведени заложбите за поголема интеграција на Ромите во сите аспекти на општеството, образованието, вработувањето, здравството, културата, унапредување на нивниот граѓански статус и домувањето. На 15 февруари Владата ја усвои и Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 -2030 како дел од јавните политики на државата и има долгорочни придобивки за ромската заедница“, истакна Тренчевска.
Стратегијата е подготвена во согласност со Стратешката рамка на ЕУ за интеграција на Ромите за периодот 2021-2030 година, која промовира еднаквост и социо-економска вклученост на ромската популација на ниво на Европската Унија.
Имплементаторите на овој проект информираа за досегашните активности спроведени во Општина Виница, при што беа реновирани 22 куќи, асфалтирање на улици, поставување на улично осветлување, контејнери за отпад и легализација на домовите и нивни упис во ДУП-от на општината. Со активностите беше опфатена ромска заедница од општина Виница. Вакви активности се почнати и во општина Прилеп.
Соговорниците изразија уверување за продолжување на соработката со цел унапредување на статусот и животниот стандард на ромската заедница во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.