Македонија
Тренчевска – Која: Поддршката од Мисијата на ОБСЕ важна за реализирање на почнатите и на новите проекти
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на која се разговараше за родовата еднаквост, недискриминацијата, инклузијата на ромската заедница, за капацитетот на администрацијата. Министерката Тренчевска посочи дека соработката со ОБСЕ е многу значајна во имплементацијата на проектите и дека очекува таа да продолжи.
„Еден од моите приоритети е до крајот на годинава да го донесеме законот за родовата еднаквост. Работната група ќе го унапреди текстот на законот за успешно да го имплементираме. Ќе ги јакнеме капацитетите на жените и во јавната администрација за да може да се справат со предизвиците во работењето и да се стекнуваат со вештини со кои сами ќе се изборат за повисоки позиции во администрацијата. Со новиот закон за буџети, кој ќе го донесеме, веќе ги направивме првите чекори за повидлива родова еднаквост бидејќи во креирањето на стратешките документи ќе биде вклучена и родовата компонента“, рече Тренчевска.
Од страна на шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клемент Која, беше изразена поддршка на законски решенија што треба да бидат донесени во следниот период. Исто така, се разговараше и за почнатиот процес на регистрирање на лицата без лични документи, кои најчесто доаѓаат од ромската заедница, за стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, која се фокусира на осум области за кои ќе бидат изработени акциски планови и за оперативниот план, кој предвидува мерки за активација, од кои се очекува Ромите што примаат гарантирана минимална помош да излезат на пазарот на трудот.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошна соработка во сите сегменти што се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика во насока на заштита на граѓаните и нивните социјално економски права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.

