Македонија
Матичните лекари го прекинаа протестот, договорено е формирање работни групи за решавање на проблемите
Матичните лекари нема да продолжат со протести по денешната средба во Министерството за здравство, на која било договорено формирање работни групи во кои ќе учествуваат претсавници на Лекарската комора и ќе ги решаваат нивните барања.
Работните групи ќе бидат формирани во следните две недели, а како што соопшти заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, за медицинските тимови со помалку пациенти и оние во руралните средини, треба да се обезбеди минимална загарантирана плата и за медицинската сестра и за матичниот лекар, за да се спречи одлевање на кадрите и затворање на амбулантитите.
„Точна е забелешката на д-р Дервишова дека од 1.463 медицински тимови од примарната здравствена заштита речиси 500 или една третина реално се на работ на егзистенцијата, практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор-сестра и токму во тој сегмент ќе гледаме колку што е можно побрзо да придонесеме да останат и мотивирани овие тимови со нивните работни обврски во интерес на пациентите“, рече Рендевски.
Додаде дека и за здравствените установи кои имаат повеќе тимови и финансиски подобро работат, исто така ќе обезбеди минимална загарантирана плата за лекарот и сестрата во вториот и третиот тим, за да има рамномерност и унифицираност во исплатата.
Во однос на казнените мерки од Фондот за здравствено осигурување, Рендевски додаде дека ќе се гледа во иднина за некои помали административни грешки да нема парична казна, туку опомена.
Рендевски попладнево се сретна со претседателот на Здружението на приватни лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова и претседателот на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова. На средбата присуствувал и министерот за здравство Беким Сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

