Свет
Кулеба: ЕУ веднаш да воведе барем дел од санкциите против Русија

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, ја повика ЕУ веднаш да примени барем дел од санкциите против Русија, со што и испрати порака на Москва дека нема да се толерира натамошна ескалација и дека Украина не е сама во оваа криза.
„Сметаме дека постојат добри и легитимни причини да се воведат барем дел од санкциите сега за да се покаже дека ЕУ го прави она што го кажува за санкциите“, рече Кулеба од Брисел.
Шефот на украинската дипломатија при пристигнувањето на состанокот на Советот на ЕУ ги поздрави најавите за можна средба меѓу претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден, оценувајќи дека секој дипломатски напор за изнаоѓање решение за украинската криза е добредојдена.
Кулеба додава дека добил гаранции од американскиот државен секретар Антонби Блинкен дека ништо за Украина нема да се реши без консултации со Киев.
„Се надеваме, како луѓе кои сакаат да избегнат војна по секоја цена, дека двајцата претседатели ќе ја напуштат таа средба со договор за повлекување на руските сили од Украина. Тоа ќе биде јасен показател дека Русија сака да ги намали тензиите. Ако тоа не се случи, тоа значи дека остануваме во истата руска ескалирачка логика“, заклучи Кулеба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.
Свет
Повеќе од 40 повредени во масовниот руски напад врз Киев, меѓу оние кои починаа има и дете

Украина соопшти дека најмалку четири лица се убиени, а 13 други се ранети во главниот град Киев за време на голем руски напад врз земјата во текот на ноќта.
„Според ажурираните податоци, досега 13 лица се повредени (вклучувајќи едно дете) и четворица починаа (вклучувајќи едно дете) како резултат на нападот врз Киев“, изјави Тимур Ткаченко, началник на Воената администрација на градот Киев, на Телеграм.
Ткаченко додаде дека е предизвикана штета на неколку станбени и нестанбени згради во областите Дарницки, Свјатошински, Соломијански, Холосиевски и Днепровски, вклучувајќи го и кардиолошкиот институт. Гувернерот на регионот Киев, Микола Калашник, изјави дека најмалку 28 лица, меѓу кои и три деца, се повредени во регионот околу главниот град.
„Четири лица се хоспитализирани во регионалните болници, тројца возрасни и едно дете. Сите се хоспитализирани во умерено сериозна состојба“, додаде Калашник.
Украинските воздухопловни сили тврдат дека воздушната одбрана соборила 568 од 595 дронови, како и 43 од 48 различни видови ракети лансирани од Русија преку ноќ, а главна цел бил Киев.
Свет
Земјотрес со јачина од 5,4 степени ја погоди западна Турција

Земјотрес со јачина од 5,4 степени ја погоди денеска западна Турција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Земјотресот се случил во 12:59 часот по локално време и бил на длабочина од девет километри, според податоците објавени на веб-страницата на ЕМСЦ.
Според податоците од Турската дирекција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), епицентарот на земјотресот бил во областа на градот Симав во округот Ќутахија.
Земјотресот, кој бил почувствуван и во соседните области, бил на длабочина од 8,4 километри, соопшти AФАД.