Македонија
Иницијатива за парк во Тетово под слоганот „Град е со градски“
Под слоганот „Град е со градски“, над 60 истакнати граѓани, универзитетски професори, архитекти, лекари, правници, културни работници, денеска до општина Тетово доставија предлог со кој се бара формирање на парк во Тетово.
На денешната прес-конференција, претставници на иницијативата „Тетово сака парк“ го претставија граѓанскиот предлог, осврнувајќи се на повеќе аспекти кои се клучни во однос на формирањето и поврзувањето на зелените површини.
„Денес ние група од 60-тина етаблирани интелектуалци од градот Тетово сакајќи да дадеме конструктивен придонес кон развојот на нашиот град, повикувајќи се на јавно декларираната отвореност на локалните власти да ги слушнат предлозите и потребите на граѓаните, како и врз основ на нашите со Устав и закон загарантирани права за хуман јавен простор и здрава животна средина поднесовме рационален, издржан и аргументиран предлог до Општина Тетово, Совет на општина Тетово, со кој бараме во согласност со законските надлежности да донесе соодветни одлуки за формирање на прв вистински градски парк во Тетово, преку утврдување на урбанистичка намена Д во Генералниот и деталните урбанистички планови за модули од урбаните блокови 27, 29, 31 и 57, како прва најзначајна појдовна точка до целосна реализација“, изјави Даријан Сотировски, магистер по право.
„Сè се сведува на тоа за кого е овој град, за граѓаните, за сите нас или за капиталот. Вака веќе не може! Тетово е светски рекордер по загаденост на амбиенталниот воздух, огромна изграденост, провев нема, ниту елементарни услови за квалитетен живот, хуман јавен простор и здрава животна средина. Генерации и генерации го жртвуваа своето здравје и сегашност, за капиталот да овозможи своја иднина. Но, вака веќе не може“, истакна Сотировски.
На претставувањето се обрати и Соња Трифуновска, истакнат просветен работник.
„Секој град треба да има парк, на нашиот град тоа многу му недостасува. Тетово последниве години доживува градежна експанзија и зградите и другите изградени објекти ја спречуваат циркулацијата на воздухот. Асфалт има насекаде. Од друга страна големиот сообраќаен метеж многу го загадува воздухот и луѓето избегнуваат да се шетаат по улиците. Нашето секојдневие наложува често седење пред мобилен телефон, компјутер или лаптоп наместо практикување на прошетки и дружби со семејството и пријателите. Тоа е и поради тоа што Тетово нема простор каде би се одело на прошетки во природа за да се побара одмор и релаксација од динамичното и стресно секојдневие“.
Во излагањето, Трифуновска потсети и на пример од работата со ученици.
„Колку е важен паркот посебно за децата ќе ви кажам од еден пример: кога на училиште имавме час за да ја разберат функцијата на претседателот на општината, им дадов за задача да бидат во улога на кандидат за градоначалник и да направат своја програма. Преку програмите што ги направија учениците се гледаше како тие сакаат да изгледа градот и какви потреби имаат. Сите ученици во програмата имаа напишано дека ќе изградат парк за да може децата да играат и да одат на прошетки со семејството на чист воздух“, изјави Трифуновска.
Предлогот детално го претстави Благоја Ристовски, магистер инженер архитект и дел од иницијативата.
„Во Тетово нема ниту еден парк. Во Тетово, како јавен простор се користат шест зелени површини позиционирани на: ‘Два бреста’, стара библиотека, Шарена џамија, „Ајдучко Маало“, „Жена борец“, населбата близу тениските игралишта. Сите се помали од 1ha. Според закон за урбано зеленило, парк е зелена површина со големина над 1ha, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра.Тетово има 0,2m² парковска површина по жител. СЗО препорачува 9m² градско зеленило по жител. Предложената површина ќе овозможи голем исчекор во приближувањето до стандардите за градска зелена површина по жител, со можни 16,4ha површина целосно дефинирана како градски парк.Површината предложена за градски парк е последното слободно, неизградено градско ткиво од толкав обем, со капацитет да биде интегрално дефинирано како парк, која инаку е 74% државно земјиште“, изјави Ристовски.
Тој посочи дека станува збор за специфично градско подрачје, во коешто градот завршува а на исток продолжува некакво неградско ткаење. Со тоа, рече Ристовски, имаме место коешто е совршено за одмор и рекреација, а е достапно до градот.
„Површината е речиси симетрично поставена на оската – булеварот што води до градскиот плоштад. Ова е можност да се создаде еден јасно дефиниран урбанистички гест зелена источна капија, кога западната зелена капија е Шар Планина, воедно се создава тампон зона кон индустриската зона на исток“, посочи Ристовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

