Македонија
Владината делегација присуствуваше на бизнис форум во Џеда

Премиерот Никола Груевски, заедно со владината делегација во чиј состав е и заменик претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување на странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев во вторникот присуствуваа на бизнис форумот кој се одржа во градот Џеда, Саудиска Арабија на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
Премиерот Никола Груевски, заедно со владината делегација во чиј состав е и заменик претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување на странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев во вторникот присуствуваа на бизнис форумот кој се одржа во градот Џеда, Саудиска Арабија на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
Бизнис форумот се одржа во соработка со индустриската комора на Џеда каде членуваат сите поголеми, средни и мали компании. Градот Џеда е најголемиот пристанишен град и втор најголем град во Саудиска Арабија.
Премиерот Груевски на форумот презентирајќи ги можностите за инвестирање, посочи дека се посветува големо внимание на градење на добра бизнис клима и спроведување на реформи кои значително ќе ги подобрат условите за инвестирање и водење на бизнис.
Премиерот Груевски истакна дека покрај Светската Банка, признание за реформите што ги правиме доаѓаат и од „Форбс“, кој ја рангира Македонија на 36. место како најдобра земја за бизнис во светот (напредок од 46 места во последните 5 години).
„Индексот за економски слободи според фондацијата „Херитиџ“, ја подобри позицијата на Република Македонија од 78. на 43. место. Индексот за глобална конкурентност ја подобри позицијата на Македонија за 31. место. Престижниот „Foreign Policy“ ја рангираше Македонија на 29. место“, истакна Груевски.
Груевски се осврна и на слободните економски зони и потенцијалите кои ги нудат за инвестирање.
„Нашите слободни економски зони беа прогласени во најдобрите 50 слободни зони на иднината за 2012/2013 година од страна на „fDi Magazine“ на „Financial Times“, а оваа година е прогласена слободната економска зона Скопје за најдобра зона за големи корисници во Европа. Планираме 14 слободни економски зони, 4 се изградени и целосно функционални, а останатите ќе бидат готови во наредната година до година и пол”, изјави премиерот Груевски.
Тој истакна дека и кредитната агенција „Fitch“ го потврди позитивниот кредитен рејтинг на Македонија со ББ+.
„А Македонија е рангирана 4-та најпријателска земја во светот според односот на населението кон странските посетители за 2013 година од страна на „World Economic Forum““, посочи Груевски.
Груевски изјави дека ваквите резултати и добрата практика од спроведените реформи беше препознаена од голем број на компании како привлечно место за инвестирање. Со што огромен број на компании од други земји во светот ја одбраа Македонија за инвестирање.
Премиерот Груевски ги покани заинтересираните инвеститори да ја посетат Република Македонија, да разменат мислења и искуства со приватните компании и инвеститорите кои веќе се присутни на македонскиот пазар и лично да се уверат во добрата бизнис клима.
Заменик претседателот на Владата, Зоран Ставрески посочи дека Република Македонија го нуди најповолниот даночен пакет за компаниите.
„Воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10 проценти, а компаниите кои го реинвестираат профитот имаат 0 отсто. Истовремено Македонија е држава и со најниски трошоци за правење на бизнис“, изјави Ставрески.
Заменик министерот за економија Христијан Делев во своето излагање пред присутните ги образложи можностите и потенцијалите за соработка и инвестирање во областа на туризмот во Македонија и тоа во изградба на ски центри, изградба на туристички зони, и повеќе енергетски проекти поврзани со гасификација. Делев изјави дека Владата има готови проекти од овие области кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори и се добра прилика за отпочнување на бизнис во Македонија и можност за инвестирање.
„Веќе постои конкретен интерес од одредени инвеститори од областа на недвижностите и здравството, за што е договорена нивна посета и разгледување на можностите за соработка и инвестирање“, изјави заменик министерот за економија Христијан Делев.
Абид Ал Селами, сопственик на повеќе компании од прехранбената индустрија, посочи дека од искуството од повеќето негови посети во Македонија може да заклучи дека државата е едно од најдобрите места за отпочнување на бизнис.
„Државата е едно од најдобрите места за инвестирање и е многу сигурна. Владата врши одлична работа и од она што можев да го видам од моите посети во Македонија можам да ја воочам разликата секој пат кога ќе доаѓам во Македонија”, изјави Абид Ал Селами.
Директорот на „Шаба Груп“, која е голема консултантска куќа од Саудиска Арабија, посочи дека Македонија е држава која гради добра и успешна бизнис клима.
„Бев импресиониран од информациите што имав можност да ги слушнам, особено од Премиерот на вашата држава. Тоа се одлични податоци и дознаваме колку е привлечен за инвестирање тој регион. Особено што се информиравме за условите за водење на бизнис во Македонија што е одлично да се чуе како и податокот дека е многу привлечна средина за бизнис. Се надевам дека ќе продолжи комуникацијата со владините претставници“, изјави Абдулах Ал Новајсер.
Со бизнис форумот во Џеда, премиерот Груевски и владината делегација ја завршија својата економско-политичка посета на Кралството Саудиска Арабија. Груевски со владината делегација се упати кон Белград, каде попладне ќе земе учество на дводневниот Самит на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, што се одржува во Белград./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.