Економија
СДСМ: Ги исполнуваме изборните ветувања, просечната плата достигнува 30.000 денари

Економските политики што ги презема Владата предводена од СДСМ даваат реални, видливи резултати. И во време на глобална економска и здравствена криза не застанува растот на платите во државата, се вели во соопштението од СДСМ.
Последните податоци од Државниот завод за статистика говорат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во месец декември 2021 година изнесува 29.943 денари, што е за 5,8 отсто повеќе во однос на декември 2020 година.
Исполнивме уште едно ветување дадено пред граѓаните, просечната плата веќе достигнува 30.000 денари.
Новата Влада предводена од СДСМ за неполн месец направи историско покачување на минималната плата, а следен чекор е големо покачување на пензиите.
Овие официјални податоци ја потврдуваат успешноста на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ кои имаат за цел да обезбедат забрзан економски раст и подобар животен стандард.
Од СДСМ додаваат дека како одговорна партија продолжуваме посветено да работиме на креирање и реализација на мерки што градат силна економија која носи шанса за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Вонреден состанок на Божиновска и Бислимовски: МЕПСО може да исклучува фотоволтаици за стабилен систем за 1 Мај

По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.
Одлуката е донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за престојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат,“ изјави министерката Божиновска.
Оваа мерка, која за првпат беше применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растерети електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност, велат од Министерството за енергетика.
Економија
Ристески не очекува поскапувања од четврток: Се надевам дека трговците ја научија лекцијата

Ако цените нагло почнат да скокаат од четврток, кога истекува сегашната мерка за ограничени маржи до 10 %, мерката може да продолжи, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој смета дека со сите досегашни мерки трговците ја научиле лекцијата и нема вештачки да ги креваат инфлацијата и цените.
Првин ќе видиме какви конечни резултати даде мерката. Од она што го имавме досега од Државниот завод за статистика, резултатите беа добри, ги знаете податоците, но крајните резултати ги чекаме наредната недела.
„Ако има потреба, би продолжиле со мерката, ако нема, тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото сите оние учесници во синџирот на трговијата ја научија лекцијата дека, пред сè, треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Ние сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, односно да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и на цените кога нема економски услови за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата“, рече заменик-министерот Ристески.
Според досегашните податоци од Државниот завод за статистика, досегашната мерка, според Ристески, дала добри резултати, но за одлука дали таа ќе продолжи, ќе ги почекаат конечните резултати. Тие ќе бидат готови следната недела.
Во февруари годинава, Владата, за да го заузда покачувањето на цените, донесе одлука за ограничување на профитните бруто- маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена со важност до крајот на април.
Економија
Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на 9. Балкански Енергетски Самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.
Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици.
„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска.
Таа нагласи дека Северна Македонија, иако мала по големина, е посветен и активен играч на регионалната енергетска сцена, преземајќи конкретни чекори кон либерализација на пазарот на електрична енергија, масовни инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.
„Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар“, истакна Божиновска.
Министерката посочи дека клучот за енергетска безбедност е комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно вклучување на приватниот сектор. Според неа, Северна Македонија веќе бележи голем интерес од приватни инвеститори за изградба на ветерни и соларни капацитети, со вкупно поднесени барања за приклучување од 9.500 MW.
„Нашата стратегија е јасна: државата обезбедува сигурност, приватниот сектор носи иновации и дополнителна сила за зелената транзиција“, додаде Божиновска.
Во своето обраќање, министерката го најави и новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура, а кој треба да создаде уште посилна основа за инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетскиот сектор.
Божиновска упати јасна порака дека енергијата денес е многу повеќе од ресурс – таа е темел за економски раст, енергетска независност и отпорност на глобалните предизвици.
„Енергијата е основата на иднината што сакаме да ја изградиме. Отворени сме за нови партнерства, за споделување знаење и заедничко креирање на регион кој ќе биде пример за Европа“, заклучи министерката Божиновска.
Балканскиот Енергетски Самит годинава обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки енергетски компании, и се наметнува како клучна платформа за отворање на нови стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.