Македонија
Шаќири: Градиме образовен систем што поттикнува развој на дигиталните вештини кај учениците
Трета година по ред Северна Македонија е дел регионалната програма „Училишта на 21 век“, финансирана од Владата на Обединетото Кралство, која има за цел да го развива критичкото размислување, дигиталните и вештините за кодирање кај учениците на возраст од 10 до 15 години. Во рамки на програмата се организираат обуки за наставници околу начинот на нејзина реализација, но и натпревари за учениците на национално, а потоа и на регионално ниво, на кои тие го презентираат стекнатото знаење преку креирање на проект за надминување на одреден предизвик од секојдневието, со примена на уред за кодирање: микробит.
На ученичкиот натпревар во тековната учебна година кој се одржува денес, учествуваат 10 тимови на ученици чии предлог проекти, односно решенија за одредени општествени предизвици, ги минаа претходните фази на евалуација и беа оценети како најкорисни и иновативни.
Пред почетокот на натпреварот свое поздравно обраќање до учесниците имаше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека дигиталните вештини се веројатно најпотребните во денешно време, а тоа се должи на брзиот развој на технологијата и нејзиниот продор во сите општествени сфери.
„Нивното поседување е предуслов за извршување на бројни професии и занимања, а дефакто, во најмала рака неопходни се и заради секојдневна комуникација, информираност и одржување врски преку светот на интернетот. Токму и во таа насока го позиционираме националниот образовен систем, односно го насочуваме неговиот иден развој – градиме модел преку кој сите нови генерации на ученици, меѓу повеќе други вредности ќе стекнуваат и сé понапредни и понапредни дигитални вештини“, рече Шаќири, додавајќи дека се работи на осовременување на наставните планови, програми и материјали за учење, како и на опремување на училиштата со модерна ИТ-технологија.
Министерот изрази задоволство што во напорите за модернизација на националниот образовен систем, земјата има голема поддршка од низа вистински и долгогодишни партнери меѓу кои и Обединетото Кралство преку Британскиот совет и амбасадата во Скопје.
„Благодарение на програмата „Училишта на 21 век“, микробит уредот кој пред 4 години беше сосема непознат за нашите ученици на возраст до 15 години, денес таа технологија е совладана и успешно се применува во наставата и во изнаоѓање решенија за предизвици од секојдневието“, истакна Шаќири, потенцирајќи дека е воодушевен од проектите кои со помош на овој уред ги креирале учениците, со што докажале дека иако се релативно млади, како што рече, доколку од нив се побара да дадат предлог за надминување на одреден предизвик, ќе се потрудат и ќе предложат одлично решение.
Посакувајќи им успех на натпреварот, истакна дека сите ученици кои се дел од финалната фаза на натпреварот се гордост не само на нивните семејства, туку и национална гордост, затоа што, потврдуваат дека државата има млади кои ќе бидат предводници на промените и двигатели на општеството.
„Овде првото место е само за еден тим, но во светот и секојдневието ќе имате толку многу можности за натпревар и за докажување, што верувам дека поради вашиот голем натпреварувачки дух нема да сакате да ги пропуштите“, реше Шаќири.
Стручно жири составено од претставници на Бирото за развој на образованието и професори од ФИНКИ, ќе ги оценува презентираните ученички проекти, по што, точно на пладне ќе бидат прогласени победниците, односно најдобрите три проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

