Македонија
Град Скопје: Министерката за култура бега од соочување со фактите и ја потврдува небезбедноста на проектот за Универзална сала
Градот Скопје истакнува дека министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со одбивањето на поканата за отворена работна средба за презентација на сериозните недостатоци во проектот Универзaлна сала, единствено докажува дека таа, како што стои во соопштението, ги потврдува наводите од сите записници и техничка документација дека СДСМ и Шилегов свесни за неправилностите во проектот за реконструкција на Универзалната сала минатата година, продолжиле со градежни активности иако знаеле и биле свесни за сериозноста на проблемите.
„Бегањето на министерката од соочување со фактите и со повикот да потпише изјава за лична одговорност за безбедноста на скопјани и за исправноста на постоечкиот проект за реконструкција на Универзална сала, ги фрла во вода сите досегашни партиски исценирани напади и политички паради од страна на централната власт и СДСМ, кои со ширење дезинформации и манипулирање со јавноста преку соопштенија и прес-конференции за политички поени сакаат да ја покријат својата неспособност. Проектот за реконструкција на Универзална сала е со сериозни импликации по текот на активностите што се одвивале, но пред сè, овој проект одобрен од СДСМ и Шилегов е далеку од безбеден. Ова го покажуваат сите записници и техничката документација, изготвени уште во време на владеењето на СДСМ со Град Скопје“, стои во реакцијата од Град Скопје.
Од таму како што велат, уште еднаш апелираат до СДСМ да престанат со манипулирање на јавноста и секојдневните напади кон Град Скопје и градската администрација злоупотребувајќи ја ситуацијата во која ја довеле тие самите Универзална сала, за политички поени, а на штета на скопјани. „На Скопје и скопјани им требаат реални, одржливи, но пред сè решенија кои ќе ја гарантираат нивната сигурност и безбедност“, е наведено во соопштението од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

