Македонија
Ковачевски: Силна осуда за чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина

Премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи го осуди чинот на отворената воена агресија на Руската Федерација на Украина.
„Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир“, има напишано на социјалните мрежи Ковачевски.
„Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, стои во напишаната објава на македонскиот премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: И таткото на Тошковски бил дел од бизнисот со мито за инвалидски пензии

Додека се обидува да изгради слика дека го руши корумпираниот систем, фактите кои се обзнануваат во јавност укажуваат како и фамилијата Тошковски била дел од овој систем. Имено, токму таткото на министерот на МВР во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии, обвини партијата Левица.
Според партијата таткото на Тошковски бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија.
„Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии. Дополнително, потсетуваме дека Тошковски уште нема одговор за скандалот со апсењето на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, односно нема никаква информација во јавноста кое е второто лице кое е уапсено. Ако се има во предвид дека лицето кое го обезбедувало Мицкоски било дел од Шестата управа, истото не можело да располага информации за криминални истраги. Тошковски упорно одбива да даде одговор од каде обезбедувањето на Мицкоски имало информации за криминални истраги и од кој ги добил тие информации“, велат од Левица.
Селективниот пристап на Тошковски и за огромната трагедија во Кочани, каде ниту еден актуелен началник од полицијата не е дел од истрагата, велат од Левица, претставува кулминација на ужасното владеење на новата влада.
„Наместо системски реформи – сведочиме како власта ги одбива сите добри законски решенија на Левица; наместо апсење на поранешниот премиер Зоран Заев – сведочиме како премиерот Мицкоски веќе не го ни спомнува неговот име; наместо меритократија и департизација – сведочиме како сестрата на премиерот и баџанакот на Тошковски стануваат универзитетски професори. Нема промена на корумпираниот систем со партии кои 35 години го граделе токму тој систем“, се наведува во соопштението.
Македонија
МВР најави засилени мерки против непрописното паркирање

Вчера во периодот од 17:00 до 20:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се зајакнати мерки за санкционирање на непрописно паркираните возила низ централното градско подрачје за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
МВР информира дека се преземени вкупно 20 мерки од кои изречени се шест прекршочни платни налози за непрописно паркирани возила, 12 возила се подигнати со специјалното возило “пајак” и 2 мерки по останати прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР.
Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни патишта.
Македонија
Облачно време со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Во понеделник ќе има повремен локален дожд, а од вторник стабилизирање на времето.