Македонија
Тренчевска: Работиме на целосна инклузија на Ромите во општеството
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го отвори дводневниот работен состанок за социјално вклучување на Ромите во Република Северна Македонија, на кој присуствуваа претставници на Владата, Парламентот, меѓународни и граѓански организации.
Министерката истакна дека потпишувањето на Декларацијата за интеграцијата на Ромите од страна на Премиерите на државите од Западен Балкан, ја потврдува подготвеноста на земјите во регионот за заедничка соработка во иницијативата на вклучувањето на Ромите во рамките на процесот на проширувањето на Европската Унија.
„Стратегијата за Роми во Република Северна Македонија е потврда за нашите заложби за изградба на кохезивно општество кое се стреми кон континуиран економски и севкупен одржлив развој. Општество во кое граѓаните независно на која етничка заедница и припаѓаат, се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен развој и напредок,“ рече Тренчевска.
Согласно потпишаната Познан Декларација и превземените обврски кои произлегуваат од неа, Владата преку ресорните министерства имплементира Проекти и законски решенија во постигнувањето на конкретни цели во одредени области како што се: образованието, вработувањето, домувањето и обезбедување на лични документи за лицата кои не ги поседуваат истите.
Таа посочи дека, вклучувањето на 400 деца Роми во процесот на предучилишно образование кои бесплатно престојуваат во градинките, 700 стипендии на средношколците Роми на годишно ниво, високата стапка на вработеност на Роми во државната и јавна администрација, област во која нашата држава е пред сите останати во регионот, поддршка во домувањето, во смисла на легализација на нивните домови се дел од реализираните цели на кои министерството заедно со партнерите работеше изминатиов период.
Истакна дека во подготовка е и нов Закон за домување во кој ќе содржи посебен дел Социјално домување. Како и дека имплементирањето на проектите финансирани преку ИПА II Годишната акциска програма за 2019 „ЕУ за вклучување” имаат за цел на допринесат за намалување на сиромаштијата во земјата и подобрување на социјалното, образовното и економско вклучување на луѓето кои припаѓаат на најранливите групи.
„Република Северна Македонија во наредниот период се подготвува за спроведување на зелена и дигитална агенда. Вклучувањето на Ромите во дигиталната агенда го гледаме пред се во подигањето на пристапот кон дигиталните средства, дигиталната писменост, поддршка на децата Роми во областа на образованието, пазарот на труд во смисла на стекнување и користење соодветни вештини, како и поддршка на Ромите претприемачи за дигитализација на нивните дејности. Во областа на зелената агенда, Ромите ќе бидат вклучени во циркуларната економија, со трансформацијата на системите за управување со разните видови отпад и други ресурси, ќе се појават и нови можности и нови работни места. Економската ефикасност на домовите на граѓаните треба да почне од најранливите групи, вклучително и Ромите, а нив ќе ги вклучиме и во иновативните модели за обновлива енергија,“ рече Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

