Македонија
(Видео) Кузеска: Незаконско работење на градоначалникот на ВМРO-ДПМНЕ во Гази Баба, Бобан Стефковски
„Денеска СДСМ објавува скандал, основано сомнение за незаконско работење на градоначалникот на ВМРO-ДПМНЕ во Гази Баба, Бобан Стефковски. За целиот скандал поседуваме документи и докази доставени од страна на свиркачи“, истакна на денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Објасни дека спротивно на законот, градоначалникот на општина Гази Баба, назначил лице без лиценца за ревизор, без положен испит, извесен Добри Петров.
„Станува збор за Добри Петров, назначен за вд директор на Јавното комунално претпријатие Гази Баба. Листата на овластени ревизори е лесно достапна на веб страната на Институтот за овластени ревизори, и јасно е дека Добри Петров нема положен испит за внатрешен ревизор и нема лиценца. Со ова прекршен е Член 36 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Но, не и последено“, истакна таа.
Неовластеното лице кое било незаконски избрано за ревизор, според Кузеска, бил исто така незаконски задолжен да изврши ревизија на работата на детската градинка „Детска Радост“.
„Тоа е овој документ на којшто стои неговиот потпис. Бидејќи неовластено лице го правело овој документ, по налог на градоначалникот, злоупотребена е службената положба и овластување. Понатаму, лицето кое без лиценца ја вршело ревизијата, ревизорскиот извештај, наместо согласно Законот да го достави прво кај директорката на градинката го доставил кај градоначалникот. Врз основа на овој незаконски Извештај директорката на градинката е разрешена. Очигледно целта на целата оваа незаконска операција била заради разрешување на директорката на градинката „Детска Радост“.Со незаконска постапка, со незаконски назначување лице за ревизор кое не било ревизор и со незаконски Извештај“, потенцира Кузеска.
Оценува дека тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, кое е локална власт во најголем дел од општините.
„Со општините владеат како шерифи, без почитување на закони и прописи со единствена цел, да разрешуваат и да именуваат нивни партиски војници и извршители. Очекуваме од сите надлежни институции по допрен глас да покренат соодветни законски процедури за овој скандал. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ јавно да го повикаат на одговорност нивниот градоначалник и сите инволвирани во овој скандал“, истакна портпаролката на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

