Македонија
Делегација на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Словенија на средба со Џафери
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија, предводена од претседателката на Комисијата, Моника Грегорчич. Во делегацијата беше и Ник Пребил, заменик-претседател на Комисијата за европски прашања.
Од страна на претседателот Џафери беше искажано задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е потребно единство во рамките на алијансата, но и во рамките на ЕУ, особено во делот на политиката на проширување. Беа поздравени одличните односи со Република Словенија, нејзината поддршка во клучни моменти од нашата понова историја и динамичната соработка во повеќе домени од заемен интерес. Во однос на нашите евроинтеграции, претседателот Џафери истакна дека актуелните случувања покажуваат колку како земји сме ранливи на одредени процеси и дека сега повеќе од кога било потребно е дејствување од страна на Европската Унија за забрзување на процесот и што побрзо почнување на преговорите, кои ќе имаат позитивен ефект во економски, но и безбедносен контекст за земјата и регионот пошироко.
Грегорчич посочи дека делегацијата доаѓа во земјата со јасно зацртана цел за целосна и недвосмислена поддршка на Република Словенија за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Како дел од нивните континуирани заложби, таа нагласи дека се избориле во рамките на Европската Унија во текот на секое ново претседателство со Советот на Европската Унија прашањето за интеграција на земјите од Западен Балкан да биде високо на агендата и тоа да биде демонстрирано преку организирање самити или конференции за Западен Балкан, како што ќе биде случај во текот на актуелното француско претседателство во јуни оваа година. Беа искажани уверувања дека без разлика кој е на власт во Република Словенија во следните години, нивната поддршка за Република Северна Македонија ќе остане непроменета како и досега.
Во дискусијата се вклучи и претседателот на пратеничката група за соработка со парламентот на Република Словенија, Александар Велјаноски, кој ја поздрави досегашната соработка со колегите од Република Словенија, со надеж дека таа ќе продолжи и во периодот што следува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

