Свет
Расте бројот на жртвите во поплавите во Австралија – бурата се движи кон центарот на Сиднеј

Бројот на загинати во поплавите во источна Австралија денеска се искачи на десет, а воените хеликоптери продолжуваат да спасуваат луѓе од покривите на куќите во поплавените населени места.
Десеттата жртва на невидените поплави е жена на возраст од 80-ина години, која е пронајдена мртва на поплавен имот, соопшти локалната полиција, пренесува „Ројтерс“.
Водата од поплави предизвикана од обилните дождови што почнаа да паѓаат кон крајот на минатата недела поплави неколку градови и мостови во Квинсленд и Нов Јужен Велс.
Во овој момент обилните дождови се движат кон Сиднеј, кој сега е во опасност од ненадејни поплави.
„Овој прилично силен временски систем набргу ќе стигне до централниот брег на Сиднеј, а ние веќе ги чувствуваме елементите на тоа“, рече австралискиот премиер Скот Морисон за време на прес-конференција.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перот, го опиша екстремното време како нешто што се случува еднаш во илјада години наведувајќи дека екипите на брзата помош извршиле повеќе од 1.000 спасувачки операции во таа земја откога добиле 6.000 повици за помош.
Стотици луѓе сѐ уште се заглавени во своите домови во градот Лизмор во северниот дел на Нов Јужен Велс, соочени со најголемите поплави во историјата, а има извештаи дека некои од нив ја поминале ноќта на покривите.
Мајорот Стив Криг рече дека девет лица сѐ уште се водат како исчезнати, а 400 спасувања допрва треба да се спроведат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Прекинати летовите на главниот аеродром во Бангладеш, избувна пожар

Властите во Дака ги прекинаа сите летови на Меѓународниот аеродром Хазрат Шахџалал, главниот аеродром во Бангладеш, по пожар во товарниот дел. Талха Бин Засим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека 32 противпожарни возила биле распоредени за гаснење на пожарот, кој започнал денеска попладне.
Управата за цивилно воздухопловство на Бангладеш ги прекина сите летови веднаш по инцидентот, наведувајќи дека операциите ќе останат запрени до понатамошно известување.
Покрај националната противпожарна служба, единици од Воздухопловните сили и Морнарицата на Бангладеш се придружија на напорите за гаснење на пожарот, според Одделот за односи со јавноста меѓу службите.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Снимките од местото на настанот покажаа црн чад како се извишува над аеродромот.
Како одговор, државната авиокомпанија „Биман Бангладеш ерлајнс“ пренасочи четири од своите летови, кои требаше да слетаат во Дака, кон аеродромите во Силхет и Чатограм.
Свет
Од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Свет
Во експлозија на фабрика во Русија загинаа три жени

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.