Македонија
Град Скопје: Почнува еколошки проект во Скопје вреден 136 милиони евра
Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ годинава почнуваат со реализација на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води во Скопје како најголем еколошки проект за Скопје и скопјани, проект во вредност од 136 милиони евра. Со проектот ќе се прочистат 90 % од водите во градот, информираат од оваа институција.
Денеска, во просториите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на оваа пречистителна станица, на која присуствуваа градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, и претставници на европската делегација, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – ИФИ Канцеларијата за координација (IFICO).
Градоначалничката Арсовска истакна дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани додавајќи дека на овој начин, конечно, ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води во согласност со ЕУ-стандардите.
„Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје, конечно, има можност да се развива во еколошка метропола, која се грижи за животната средина и се грижи за скопјани. Ако досега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ги животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да дејствуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но, пред сѐ, дa му обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да им го подобриме квалитетот на живот на скопјани“, рече Арсовска.
На настанот се обрати и претставникот на Европската инвестициска Банка (ЕИБ), Алесандро Брагонзи, кој истакна дека овој проект е од огромно значење за жителите и за градот Скопје. Брагонзи посочи дека од голема важност е што проектот се одвива непречено и со одлично темпо и додаде дека со финализација на овој проект ќе се реши проблемот со отпадните води, ќе се зачува животната средина и граѓаните на Скопје ќе имаат почиста вода.
Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, во своето обраќање ги презентира постапките на реализација на овој значаен еколошко-капитален проект осврнувајќи се на важноста на изградбата на пречистителната станица за која вели дека не само Скопје туку и градот ќе има над 90 % прочистени води.
Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет од еквивалент 500.000 жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

