Спорт
Украински тенисер со закана до Путин: Ќе ти танцувам на гробот!
Серхиј Стаховски, украинскиот тенисер, кој на почетокот на годинава ја заврши кариерата со пораз на стартот во квалификациите за Австралија опен, одлучи да ја брани Украина од руската инвазија.
„Армијата отвори место за резервни војници, за секој што сака да се бори, да земе оружје и да биде дел од територијалната одбрана. Има многу доброволци, меѓу кои и јас, го потпишав формуларот за пријавување минатата недела.. Немам воено искуство, но знам да ракувам со оружје“, изјави 36-годишниот Стаховски.
Тој облечен во воена униформа се појави во емисијата „Добро утро Британија“ и му порача на Владимир Путин дека ќе танцува на неговиот гроб.
„Поддршката што ја добиваме е огромна. Ограничувањата и санкциите за Русите во однос на спортот се одлични и функционираат, но тие нема да го спречат Путин. Сепак, еден ден ќе танцувам на неговиот гроб. Никогаш не помислував дека ќе бидеме во војна. Казнети сме затоа што сакаме подобар живот и сакаме во Европа. Децата не знаат каде сум, а жена ми не зборуваше со мене цел ден кога и ја кажав одлуката. Верувам дека ние сме посилни од Русите, затоа што ја браниме нашата земја, а тие доаѓаат без некој посебен мотив“, изјави Стаховски, кој најмногу го паметиме по победата над Роџер Федерер во 2013 година на Вимблдон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Само што дојде во Џирона, Тер Штеген се повреди
Марк-Андре Тер Штеген доживеа нова повреда.
Тој штотуку пристигна во Џирона, како позајмен од Барселона, а поради повредата тој би можел експресно да се врати на „Ноу Камп“.
Каталонски извори денес потврдија дека Тер Штеген доживеал повреда на мускулот што ќе го оддалечи од терените помеѓу два и три месеци.
Не е невозможно Џирона да ја прекине позајмицата бидејќи паузата со која се соочува Германецот воопшто не е кратка. Џирона има проблем, бидејќи остана само со Газанига, откако Ливаковиќ го напушти клубот и се врати во Динамо Загреб.
Што се однесува до Тер Штеген, сигурно е дека оваа повреда дополнително ги намали неговите шанси да биде прв голман на Германија на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Foto/ EPA
Спорт
Нико Вилијамс на нова пауза
Нико Вилијамс, навистина нема среќа оваа сезона. Повторно се повреди и мора да направи уште една долга пауза.
Шпанскиот репрезентативец страда од повреда на пубалгија. Третманот што му го препишаа лекарите на клубот не донесе никаков напредок и сега ќе мора да ги променат терапиите, бидејќи Нико Вилијамс игра со болки веќе некое време.
Исто така, клубот направи ризик поради настапот во Лигата на шампионите, на крајот тој ризик не му донесе ништо добро на Атлетик. Клубот заврши на 29-то место и не се пласираше ниту во плејофот.
Сега новиот проблем е што Нико Вилијамс ќе направи пауза до крајот на март, кога е репрезентативната пауза, па сигурно е дека ќе игра за тимот на Ернесто Валверде од април.
Во среда, Атлетик Билбао ќе биде домаќин на Валенсија во Кралскиот куп, а потоа ќе има натпревари со Леванте, Овиедо, Елче, Рајо Ваљекано, Барселона, Џирна и Бетис. Сите овие натпревари Нико Вилијамс ќе ги пропушти.
Се очекува тој да биде подготвен за гостувањето кај Хетафе на 5 април.
Foto/ depositphotos
Спорт
Во Рајо бесни по поразот од Реал: Сите сте исти еб.те си ја мајката
Фудбалерите и челниците на Рајо Ваљекано го напуштија „Сантијаго Бернабеу“, огорчени од судијата откако загубија со 2:1 од Реал Мадрид. Натпреварот беше решен во 99-та минута, кога судијата Дијаз де Мера досуди пенал за Реал, кој Килијан Мбапе го претвори во гол за победа.
Спорната одлука и острите зборови што следеа можат скапо да го чинат гостинскиот тим, пишува Марка.
Судијата Дијаз де Мера ги евидентираше навредите упатени кон него од Давид Кобењо, спортскиот директор на Рајо Ваљекано, по натпреварот. Според извештајот на судијата, Кобењо постојано им викал на судиите на пат кон соблекувалната: „Секој натпревар иста приказна со вас“.
Инцидентот продолжил и подоцна.
„Кога четвртиот судија влегуваше во соблекувалната, Кобењо му се обрати викајќи и повторувајќи неколку пати: „Сите сте исти, еб.те си ја мајката“.
„Овие настани се случија во присуство на делегатите на натпреварот“, се вели во записникот.
Тренерот на Рајо Ваљекано, Ињиго Перез, не сакаше да коментира за судењето на прес-конференцијата.
„Не зборувам за судиите“, рече кратко. Додаде дека очекува долго надополнување на времето од страна на судијата, но дека тимот дејствувал сигурно.
„Видов дека тимот се бранеше доста добро во шеснаесетникот, немав чувство дека можат да постигнат гол против нас“, рече Перез.
За разлика од него, играчот Пеп Чаварија, кој беше исклучен во финишот, не ги криеше своите фрустрации на социјалните мрежи. „Ова е еден од најтажните денови откако сум на теренот. Овој тим заслужува почит. Ви благодарам навивачи на Рајо, ќе продолжиме да се бориме против сè и секого. Бог е праведен и гледа сè“, напиша Чаварија.
Марта Соријано, сопругата на играчот Иси Паласон, исто така беше многу остра во својот коментар.
Таа објави порака на социјалните мрежи со слика од кловн. „Кутри луѓе, мора да плачат, да добијат дополнителни 10 минути, да добијат пенал во последната минута и да исклучат двајца наши играчи за да го победат Рајо“, напиша Соријано и ја заврши објавата со еден збор: „Срамно!“
Foto/ EPA

