Свет
Властите во Мариупол: Веруваме дека стотици се мртви во гранатирањето

Официјални лица во југоисточниот град Мариупол стравуваат дека се убиени голем број луѓе по повеќечасовното континуирано гранатирање на градот.
Заменик-градоначалникот Сергиј Орлов изјави дека делот од градот покрај реката, каде што живеат 130.000 луѓе, вклучувајќи го и татко му, е речиси целосно уништен.
„Не можеме да ги броиме жртвите таму, но веруваме дека стотици се мртви. Не можеме да одиме за да ги земеме телата“, изјави тој за Би-би-си.
„Руската армија оперира овде со артилерија, повеќе ракетни системи, авиони, тактички проектили. Тие се обидуваат да го уништат градот“, рече Орлов.
Тој вели дека руските сили се оддалечени неколку километри од градот од сите страни.
Претходно, градоначалникот на украинскиот пристаништен град, Вадим Боиченко, изјави дека руските сили го гранатираат градот без престан веќе 12 часа.
Во директен пренос на украинската телевизија Боиченко наведе дека „непријателските окупаторски сили на Руската Федерација направија сѐ за да го блокираат излезот на цивилите од градот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Мојата внука течно зборува кинески

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата внука течно зборува кинески бидејќи нејзината дадилка е од Пекинг. Путин се обидуваше да ги нагласи блиските врски меѓу Москва и Пекинг.
„Споменав дека некои од моите блиски роднини учат кинески, мислев на мојата внука, чија дадилка е од Пекинг. Таа течно зборува кинески со неа“, рече Путин за време на состанокот со странски новинари во Санкт Петербург.
„Русите покажуваат зголемен интерес за учење кинески јазик како што се продлабочуваат економските врски меѓу двете земји. Годишната трговија достигнува 240 милијарди долари“, истакна тој.
Забелешката на Путин понуди редок поглед во личниот живот на рускиот претседател и ги илустрираше блиските врски меѓу двете земји.
Кина не се придружи на меѓународните санкции што ја погодија Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година, туку се позиционираше како клучен трговски партнер.
Европа
Зеленски назначи нов командант на копнените сили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи Генадиј Шаповалов за нов командант на Копнените сили, откако неговиот претходник поднесе оставка поради рускиот напад на полигон за обука.
Шаповалов, чие назначување беше објавено со претседателски декрет, претходно беше офицер за врска во координативниот центар на НАТО во Германија.
Претходно ги водеше силите на Оперативната команда „Југ“.
Шаповалов го заменува Михаило Драпатиј на функцијата врховен командант на Копнените сили, кој поднесе оставка овој месец поради смртоносен напад на полигон за обука во југоисточна Украина.
Зеленски го премести Драпатиј на функцијата командант на здружените сили како дел од воената реконструкција.
Свет
Трамп ќе одлучи дали да го нападне Иран во рок од две недели, објави Белата куќа

Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе донесе одлука за евентуален напад врз Иран во следните две недели.
Во разговор со новинарите денес, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се осврна на пораката од самиот Трамп во која се вели:
„Врз основа на фактот дека постои значителна веројатност преговорите да се случат или да не се случат со Иран во блиска иднина, ќе донесам одлука дали да одам или не во следните две недели.“
Ливит додаде дека „кореспонденцијата со Иран продолжува“.