Македонија
Тупанчески: Од денес онлајн судењата стануваат реалност
Министерот за правда, Никола Тупанчески, беше дел од денешниот промотивен настан „Отпочнување на процесот на инсталирање ИКТ опрема во пет основни судови“, на којшто заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, имаа воведни обраќања во кои дадоа свои видувања за овој новитет во македонското судство.
„Онлајн судењата се нова реалност во најразвиените судски системи, каде што во постапките во кои странката, без разлика дали е сведок, вештак или обвинет, не може физички да биде присутна во судницата, сепак може да се одржи судење. Ова е многу поволно во однос на навременоста и ефикасноста на судовите. Од денес онлајн судењата стануваат реалност и за македонскиот судски систем“, кажа министерот Тупанчески.
Тупанчески истакна дека покрај судниците во Основниот суд Кавадарци опремени се и останатите пилот основни судови, во Струмица, Штип и скопскиот Кривичен и Граѓански суд и тоа согласно динамиката на судовите, на начин да не се попречи работата на истите.
Министерот ја нагласи дигитализацијата на судството како еден од важните чекори во реформата на системот, особено во зголемување на ефикасноста и транспарентноста.
„Во вистинско време покажавме силна политичка волја, заложба за реформирање на правосудниот систем и желба за враќање на довербата на граѓаните кон државните институциите, отпочнувајќи со еден комплексен и долгорочен процес кој има огромен потенцијал за понатамошно олеснување и подобрување на пристапот до правдата за граѓаните низ цел регион, што од круцијално значење, особено на патот кон евроинтеграциите“, посочи Тупанчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.