Европа
Австрија ги укинува сите епидемиолошки мерки, ограничувања остануваат во сила само во Виена

Во Австрија од утре ќе бидат укинати речиси сите епидемиолошки мерки што беа во сила во борбата против пандемијата на коронавирусот.
По две години ограничување на слободата на граѓаните, Австрија се враќа во нормален живот, освен Виена, каде што продолжуваат да се применуваат поостри мерки.
Австрија ги укинува ограничувањата за пристап до угостителски објекти, настани и врз основа на владината одлука, веќе нема да се применува ниту 2G ниту 3G-правилото, па секој може да користи угостителски услуги, да посетува стадиони…
Се укинува ограничувањето на работното време во угостителството, а може да почне да работи и ноќната гастрономија.
Како единствена епидемиолошка мерка останува во сила обврската за носење маски, но само на места што ги користат ризични групи, што значи во супермаркети, аптеки, банки, трафики, бензински пумпи, институции.
Исто така, маските FFP2 мора да се носат во јавниот превоз, во такси, но и во училишниот превоз.
Сè уште важат посебни правила во домовите за нега и во домовите за стари лица. Посетителите мора да се придржуваат до правилата 3G, односно да бидат вакцинирани или да имаат потврда за прележан Ковид-19, односно ПЦР-тест, а задолжително да носат и маска.
Истото важи и за вработените во овие институции и во болниците.
За собири со повеќе од 50 луѓе од сега само мора да се изгради концепт за превенција, што по случаен избор ќе го проверуваат општинските власти.
Сето ова ќе важи во осум од деветте австриски покраини, а само во Виена за граѓаните и натаму ќе има ограничувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Мојата внука течно зборува кинески

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата внука течно зборува кинески бидејќи нејзината дадилка е од Пекинг. Путин се обидуваше да ги нагласи блиските врски меѓу Москва и Пекинг.
„Споменав дека некои од моите блиски роднини учат кинески, мислев на мојата внука, чија дадилка е од Пекинг. Таа течно зборува кинески со неа“, рече Путин за време на состанокот со странски новинари во Санкт Петербург.
„Русите покажуваат зголемен интерес за учење кинески јазик како што се продлабочуваат економските врски меѓу двете земји. Годишната трговија достигнува 240 милијарди долари“, истакна тој.
Забелешката на Путин понуди редок поглед во личниот живот на рускиот претседател и ги илустрираше блиските врски меѓу двете земји.
Кина не се придружи на меѓународните санкции што ја погодија Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година, туку се позиционираше како клучен трговски партнер.
Европа
Зеленски назначи нов командант на копнените сили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи Генадиј Шаповалов за нов командант на Копнените сили, откако неговиот претходник поднесе оставка поради рускиот напад на полигон за обука.
Шаповалов, чие назначување беше објавено со претседателски декрет, претходно беше офицер за врска во координативниот центар на НАТО во Германија.
Претходно ги водеше силите на Оперативната команда „Југ“.
Шаповалов го заменува Михаило Драпатиј на функцијата врховен командант на Копнените сили, кој поднесе оставка овој месец поради смртоносен напад на полигон за обука во југоисточна Украина.
Зеленски го премести Драпатиј на функцијата командант на здружените сили како дел од воената реконструкција.
Европа
Шпанскиот премиер му пиша на шефот на НАТО: не сака да троши 5 проценти од БДП за одбрана

Шпанскиот премиер Педро Санчез побара од НАТО да го исклучи од својата цел за зголемување на трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП, според писмото испратено до генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, во кое Ројтерс имал увид.
Санчез побара „пофлексибилна формула“ што или ќе го направи постигнувањето на целта доброволно или ќе ја ослободи Шпанија од неа.
„Посветувањето на целта од 5 проценти не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно, бидејќи дополнително би ја оддалечило Шпанија од оптимално трошење и би ги нарушило сегашните напори на Европската унија за зајакнување на нејзината безбедност и одбрана“, напиша Санчез во писмото.
Тој додаде дека новата цел, предложена од САД, е „некомпатибилна со шпанската држава на благосостојба и шпанскиот поглед на светот“. „Мадрид проценува дека ќе треба да потроши 2,1 процент од својот БДП за да ги задоволи воените потреби на Шпанија“, рече Санчез.