Македонија
(Видео) Арсовски: Штом СДСМ незаконски го праќа Фрчкоски во ОН, ние законски ќе го вратиме кога ќе се смени власта
Она што не му успеа ниту на Зоран Заев да го направи, сега Пендаровски заедно со Ковачевски го прави. Фрчкоски е единствениот човек што не го сакаат ниту во неговата матична држава Република Македонија ниту, пак, го сакаат надвор во другите држави. Знаете зошто? Затоа што знаат каков човек е. Всушност, тој е човекот што е врзан директно за најмногу скандали изминатите 30 години во Република Македонија. Од коруптивни, мизогини, за жал, насилни и многу други скандали, атентати, поврзуван и сѐ друго, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Откако не го сакаа стратешките партнери за амбасадор во Вашингтон и е вратен од официјален Вашингтон, имајќи ги на ум сите негови скандали во неговото портфолио, скандалозно портфолио, Пендаровски противзаконски го праќа за амбасадор во Обединетите нации. Нејасно е, сѐ уште е нејасно, колку аматерски и како може да прати човек како Фрчкоски за амбасадор во Обединетите нации, човек што не го сака ниту еден стратешки партнер на Република Македонија“, рече Арсовски.
Според Арсовски, претседателот Пендаровски го прекршил членот 39 од Законот за надворешните работи за претставување пред собраниската комисија, а преку Собранието и јавноста истите немале можност да извршат контрола врз извршната власт, како што е и претседателот и самите амбасадори.
„Пендаровски со ова што го прави во моментот заедно со Ковачевски и сите други го нарушува угледот на Република Македонија, го нарушува угледот на дипломатијата, која и онака е руинирана, и го уништува угледот воопшто на граѓаните на Република Македонија и им ја потценува нивната интелигенција. Фрчкоски, кој добива награда од Пендаровски за неговите на моменти фашистички ставови и ставови против својата држава, против својот народ, против своите граѓани, сега ќе треба да ја претставува Македонија во една од најважните светски дипломатски институции.
Фрчкоски велеше дека Албанците ќе пливаат во Јадранското Море накај Италија. Еве, јавно прашуваме дали и ДУИ е согласна како коалициски партнер на СДСМ и покрај ваквите изјави, Фрчкоски да ја претставува Република Македонија во Обединетите нации.
Но, едно е важно и ова треба да го запомнат и многу бргу ќе дојде, штом Пендаровски, Ковачевски и сите други таму како награда го праќаат Фрчкоски незаконски во Обединетите нации, ние на законски начин ќе го вратиме веднаш штом се смени власта и сите што ќе постапатле противзаконски, ќе сносат одговорност“, порача Арсовски.
Тој нагласи дека нема да дозволат ликови како Фрчкоски да ја срамат Македонија.
„Ова се ликовите што 30 години се канцер на македонското општество. Фрчкоски никогаш нема да биде амбасадор на Република Македонија во Обединетите нации, туку ќе ја има титулата срам на Република Македонија во Обединетите нации“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со сериозни обвинувања за перење 2 милиони евра во ЕСМ: „Кадри на СДСМ и ДУИ вмешани во криминал“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција обвини дека кадри на СДСМ и ДУИ во ЕСМ снабдување со топлина биле инволвирани во криминал тежок неколку милиони евра.
Според Петрушевски, тендер вреден осум милиони евра завршил во фирма која, како што рече, била однапред договорена од Бујар Дардишта, кадар на ДУИ, а именуван од СДСМ. Тој тврди дека по договорениот тендер, директорот заедно со уште 32 лица испрале два милиони евра, пари на граѓаните.
Петрушевски посочи и дека во Надзорниот одбор на ЕСМ снабдување со топлина била и ќерката на тогашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Тој ги повика СДСМ и ДУИ да одговорат каде завршиле, како што наведе, испраните два милиони евра, дали лица од тогашниот врв на двете партии се вмешани во случајот и зошто не се оградуваат од наводите. Петрушевски побара и Јавното обвинителство да постапува независно и одговорно.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филип Андов и Агрон Демири – новите лица на Филипче, се лошото минато на Заев
Новите лица на Филипче, се лошото минато на СДС и Заев. Филип Андов – Сокол поранешен советник на Зоран Заев и поранешен директор на затворот во Шутка, и Агрон Демири, коносител во 6та ИЕ на последните парламентарни избори, се новите лица на СДС и Филипче, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филип Андов, човек со кривична пријава и активен судски случај е дел од раководството на Филипче. Познат по тоа што затворот во Шутка го претвори во хотел промаја, затворениците повеќе седеа надвор отколку внатре во затворот. Оние што беа внатре пак имале навистина големи поволности. Андов до толку се грижел за своите затвореници што дозволувал дури и службени возила и службени лица да ги разшетуваат низ државата. Едноставно си го приватизирал затворот и си наплаќал услуги. СДС наместо оградување и исклучување, го наградија со раководна функција. Дали можеби работел по насока и директива на поранешни челници на СДС останува да дознаеме?“, праша тој.
Од друга страна, додаде Манасиевски, го имаме Агрон Демири, исто така досегашен член на ЦО на СДС и коносител на минатите избори во ИЕ6 и не успеа да влезе како втор на листата.
„Агрон Демири е горд пријател на Зоран Заев и Венко Филипче. Тој никогаш не ја криел неговата наклонетост кон овие двајца. За таа цел, во 2021 година, Агрон Демири како претседател на студентски парламент од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, му доделил плакета на Зоран Заев, за заложбите што ги правел кон младите. А добро ги паметиме неговите заложби со оглед на тоа дека младите беа омаловажени и потценети во негово време. Но, дали оваа наклонетост и плакета кон Зоран Заев, го пласираше Демири во врвот на СДС? До толку ли нема други заслужни, па тој мора да биде награден? Несуден пратеник и анонимус во политиката.
Почитувани граѓани, Дали овие ликови се новите лица на СДС, секако дека не. Ова се само луѓе послушни кон Зоран Заев, а го држат Венко Филипче на функција“, рече Манасиевски и праша дали овие лица се горди на аболицираниот криминалец Зоран Заев и ќе продолжат по неговите криминални и коруптивни чекори?
Македонија
Анита Тополова-Исајловска избрана за в.д. јавен обвинител
Обвинителката Анита Тополова – Исајловска беше избрана за вршител на должност јавен обвинител на Република Северна Македонија на денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Таа беше единствениот предложен кандидат, на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието на Северна Македонија. Тој ја извршуваше функцијата државен обвинител неполни две години откако беше избран од пратениците во минатиот парламентарен состав на 13 февруари 2024 година.
Тополова-Исајловска доаѓа на негово место од позицијата заменик јавен обвинител, каде што помина подолг временски период.
Назначувањето на вршител на должност јавен обвинител се врши согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. Функцијата се извршува до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

