Регион
Стравувањата за поскапување на горивата предизвикаа метеж на бензиските пумпи во неколку балкански држави

Метеж и паника на бензиските пумпи во неколку балкански држави предизвикаа стравувањата за поскапувањето на горивата.
Вчера, на бензиските пумпи во Македонија имаше километарски колони неколку часа. Според информациите, на некои од бензиските пумпи имало забрана да се продаваат нафтени деривати повеќе од 1.000 денари за возило. Причината, неофицијално, е тоа што некои од компаниите сакаат горивото да го продаваат по повисоки цени бидејќи се очекува драстично зголемување. На социјалните мрежи се појавија и низа критички коментари, а овој потег беше наречен воено профитерство.
Надлежните во земјата и денеска смируваа. Од Владата апелираа до трговците со нафта да не ја ограничуваат количината, а граѓаните да не прават резерви гориво.
„Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво во согласност со побарувачката“, смирува Владата.
Километарски колони беа забележани и на бензиските пумпи во Србија и Босна и Херцеговина.
„Нова.рс“ пишува дека и утрово, по 6 часот, почнале да се создаваат редици на бензинские пумпи во Белград.
„Човекот пред мене наточи полн резервоар, а потоа и два канистера“, напиша маж од Белград жалејќи се до медиумите на големиот метеж.
Србите стравуваат од недостиг на готиво, а српската влада уверува дека не постојат проблеми со снабдувањето на нафтените деривати. На социјалните мрежи во Србија се појавија информации дека одредени снабдувачи ги ограничиле количествата за точење гориво на 20 литри за автомобил.
Слична е сликата и во Сараево. И таму граѓаните побрзаа да ги наполнат резервоарите бидејќи се плашат дека горивата ќе поскапат, пишува „Кликс“.
Додаваат дека некои точеле гориво и во канистри, кои потоа си ги однеле со автомобилите. Синоќа на некои бензински пумпи пристигнале дополнителни цистерни со гориво поради големата побарувачка, јавува „Кликс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пленковиќ: Хрватска не тргува со оружје и воена опрема со Израел

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денеска негираше дека Хрватска тргува со оружје со Израел, одговарајќи на барањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ до владата да престане да тргува со оружје и воена опрема со таа земја.
Кога беше замолен да ја коментира изјавата на Милановиќ, Пленковиќ рече дека „нема трговија со оружје и воена опрема со Израел“, пренесува ХИНА.
Хрватското Министерство за одбрана во саботата објави дека официјален Загреб во моментов не набавува оружје за хрватската армија од Израел.
Регион
Додик шест години не смее да врши јавна функција: бара помош од Трамп, Орбан и руската амбасада се на негова страна

Судот на Босна и Херцеговина соопшти дека претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик нема да може да извршува никаква јавна функција шест години, не само претседателската, според пресудата.
Лидерот на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради неспроведување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, пресуда што Додик ја отфрла.
Судот на БиХ првично објави дека Додик нема да може да биде претседател на РС шест години, а потоа испрати ново соопштение во кое објаснува дека оваа одлука, со оглед на промените во законот што ги наметна Шмит, вклучува и забрана за вршење на сите други функции што вклучуваат јавни пари.
Буквалното толкување на ова вклучува и забрана за извршување на функцијата претседател на владејачката СНСД ако партијата на Додик се финансира од буџетот.
Додик во меѓувреме побара меѓународна поддршка и го тагираше американскиот претседател Доналд Трамп на профилот на X, цитирајќи ги неговите зборови од 2024 година во кои повика на прекин на прогонот против него во САД. Тој го спореди својот случај со она што го доживеа Трамп, нагласувајќи дека тој, исто како Трамп, е жртва на политички прогон.
Руската амбасада во БиХ ја оцени пресудата како политичка и го нарече високиот меѓународен претставник „узурпер“.
„Затоа сите пресуди засновани на наводи за наводно кршење на одлуката на високиот претставник не се законски, туку чисто политизирани. Целата одговорност за евентуалната дестабилизација на внатрешнополитичката ситуација во земјата е на промоторите на оваа политичка акција“, соопшти амбасадата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, го поддржа Додик, велејќи дека треба да се почитува одлуката на народот на РС кој го избра Додик за свој претседател.
It’s time for everyone to respect the decision of the PEOPLE of Republika Srpska, who elected @MiloradDodik as their President.
There is no place for legal witch-hunts in a democracy.
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) August 1, 2025
„Нема место за легален лов на вештерки во демократијата“, напиша Орбан на X.
Фото: ЕПА
Регион
Словенија воведе ембарго на оружје кон Израел

Словенечката влада на вчерашната седница, по предлог на премиерот Роберт Голоб, донесе одлука со која се забранува извоз и транзит на воено оружје и опрема од или преку Словенија за Израел. Исто така, се забранува и увоз на оружје од Израел.
Со оваа одлука Словенија стана првата европска држава што воведува целосна забрана за увоз, извоз и за транзит на оружје поврзано со Израел, истакнаа од кабинетот на премиерот, пренесе „Н1 Словенија“.
Откога Словенија пред две недели ги прогласи израелските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир за непожелни личности, владата донесе нови санкции против Израел поради насилството и кршењето на човековите права на Палестинците во Појасот Газа и на Западниот Брег.
Новата одлука следува по најавите на премиерот Голоб, кој повеќепати порача дека Словенија ќе дејствува самостојно доколку ЕУ не усвои конкретни мерки до средината на јули.
„Европската Унија, поради внатрешни несогласувања и неединство, моментно не е способна да ја исполни оваа задача“, соопшти словенечката влада.
„Луѓето во Газа умираат бидејќи системски им се оневозможува пристап до хуманитарна помош. Умираат под урнатини, без пристап до пивка вода, храна и основна здравствена нега. Станува збор за целосно блокирање на хуманитарниот пристап и свесно спречување на основните услови за преживување. Во вакви околности должност е на секоја одговорна држава да дејствува, дури и ако тоа значи да чекори пред другите“.
Словенија, како што се наведува, доследно и принципиелно се залага за почитување на меѓународното право и заштита на човековите права. Владата најави дека во следните недели ќе подготви дополнителни национални мерки против актуелната израелска влада, чиј начин на дејствување претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.
Министерството за надворешни работи на Словенија во четвртокот ја повикало израелската амбасадорка во Љубљана, Рут Коен-Дар, на разговор и ѝ доставило протест поради неодржливата хуманитарна катастрофа во Газа, предизвикана од ограничувањето на пристапот до итна хуманитарна помош.