Економија
Ковачевски: Историското зголемување на пензиите обезбедува квалитетен животен стандард
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со членството на Сојузот на здруженијата на пензионерите, на која се разговараше подетаљно за вредностите на новата методологија за раст на пензиите, која се реализира за континуирано обезбедување квалитетен животен стандард на сите категории граѓани.
Според Ковачевски, Владата во отворен дијалог го прифати моделот, кој Сојузот на здруженијата на пензионерите го предложи како нова методологија за континуиран раст на пензиите.
„Дополнително, обезбедивме и директна финансиска помош и речиси 330 илјади пензионери ќе добијат по 1.000 денари плус со мартовската, априлската и со пензијата во мај. Тоа се дополнителни 3.000 денари за овие три месеци, кои се исклучително добредојдени во овој период на продлабочена криза“, изјави премиерот Ковачевски по средбата оценувајќи ја соработката со Сојузот на здруженијата на пензионерите и другите релевантни општествени фактори од голема важност за Владата заради заедништвото во носењето на значајните одлуки.
Тој посочи дека во 2022 година за 12 месеци, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус, односно просечно речиси 200 евра повеќе во домашниот буџет за истата година.
„Ова е историско и рекордно зголемување – пензионерите со просечна пензија, која во моментот е 16.300 денари, по завршувањето на финансискиот пакет од 1.000 денари за 3 месеци, а со воведувањето на новата методологија од септември натаму, секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка“, рече Ковачевски додавајќи дека во согласност со проекциите на крајот на 2022 година се очекува зголемување на просечната месечна пензија на речиси 17.300 денари во споредба со крајот на 2021 година кога во просек пензијата беше 15.876 денари.
Ова се случува во година кога имавме и едно од најголемите зголемувања на пензиите досега. Со последното усогласување од 2,9 %, во јануари годинава пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари, што значи дека оваа Влада докажа дека постојано и во континуитет се грижи за сите пензионери, кои во својот работен век придонесувале и вложувале во градењето на заедничката држава, да имаат услови за достоинствени пензионерски денови и пристоен и мирен живот.
„Граѓаните да бидат спокојни, пензискиот фонд е стабилен и тоа е резултат на добрите економски политики на Владата, успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви. Исто така, ова се должи на зголемената наплата и приходи од придонеси во 2021 година од страна на УЈП, како и на очекуваниот пораст на вработеноста и на дополнителните приходи од придонеси“, порача Ковачевски додавајќи дека за речиси 330.000 пензионери е создаден квалитетен пензионерски систем и трајна и одржлива методологија, која нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори.
„Сето ова, додаде Ковачевски, Владата го остварува без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, што значи дека нема да има дополнително оптоварување на бизнисот“.
Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, во изјавата за медиумите изрази големо задоволство од остварениот дијалог и ја поздрави отворената и плодна соработка со Владата.
Таа додаде дека денешната средба ја искористиле и за разговори за други конструктивни предлози и прашања од интерес за пензионерите и тие со ресорните министри ќе бидат разгледани.
Премиерот Ковачевски ја искористи денешната средба, на ден пред 8 Март, на сите членки на Сојузот на здруженијата на пензионерите, да им го честита меѓународниот празник истакнувајќи дека жените рамноправно и еднакво учествуваат во градењето на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

