Економија
Големо поскапување на горивата – бензините од полноќ поскапи 5,5 денари, дизелот 10 денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст кај сите нафтени деривати, и тоа: кај бензинот 10,990 %, кај дизелот 21,147 % , кај екстра-лесното масло 18,278 % и кај мазутот зголемување од 13,830 %.
„Од ден на ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори што влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичка состојба, која се одразува врз цената на енергентите, а со цел да се обезбедат сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информира Владата детаљно и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа. Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 6,149 денари/килограм и сега ќе изнесува 54,319 ден./кг.
Од 8.3.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 89,50 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 91,50 (денар/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,319 (денари/килограм)
Во споредба со регионот, а во согласност со последните достапни податоците од 6.3.2022 година (недела), во земјата „евродизелот“ е со најниска цена и изнесува 1,388 евро/литар, а во Србија изнесува 1,552 евро/литар, во Бугарија е 1,457 евро/литар, во Албанија 1,616 евро/литар, во Грција 1,678 евро/литар и во Хрватска 1,497евро/литар. И „евросуперот БС-95“ исто има најниска цена во земјата, од 1,453 евро/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија, каде што цената на „евросуперот БС-95“ изнесува 1,482 евро/литар, во Албанија 1,632 евро/литар, во Грција e 1,951 евро/литар и во Хрватска 1,507 евро/литар. Само во Бугарија е пониска и изнесува 1,427 евро/литар.
Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 8.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Oдржувањето на макроекономската стабилност во прилог на економскиот развој: прва средба меѓу гувернерот Славески и директорката на Светската банка, Межеван

Денеска се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и новоименуваната директорка на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово, Кaрол Межеван. На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Светската банка, којашто претставува важен партнер во поддршката на националните политики и на институционалниот развој.
Славески ѝ посака успешно работење на Межеван на новата функција и го изрази задоволството од досегашната продуктивна соработка со Светската банка, којашто преку проекти за техничка помош, анализи и препораки, придонесува за зголемување на институционалните капацитети и за успешно остварување на најважните реформски активности.
Особено внимание им беше посветено на прашањата поврзани со дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, развојот на пазарите на капитал и зголемувањето на отпорноста на финансискиот систем кон светските шокови. Притоа, беше нагласено дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за понатамошна соработка во сите полиња каде што поддршката на Светската банка може да придонесе за натамошно јакнење на макроекономската стабилност и за создавање услови за економски напредок.
И гувернерот, и директорката се согласија дека од суштинска важност за справувањето со предизвиците од новото светско економско окружување е градењето стабилни и силни институции, коишто меѓусебно се координираат и се поддржуваат преку меѓународна соработка.
Економија
Мицкоски: Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра

Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра, изјави премиерот, Христијан Мицкоски. Тој кажа дека со ова се поставува почетокот на еден нов, енергетски посигурен, економски поефикасен и стратешки поисплатлив период за сите нас.
„Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина. Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и една силна порака- конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.
Мицкоски информира дека со овој проект ќе бидат изградени 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до 3 милијарди.
Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или околу 60 милиони евра.
Економија
Министерството за финасии: 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки доставија писма за изразување интерес за финансирање на брзата пруга

Шеснаесет меѓународни финансиски институции и комерцијални банки доставија до Министерството за финансии писма за изразување на интерес за финансирање на пректот за брзата пруга од Коридорот 10, извести МФ.
Министерството за финансии во наредниот период ќе врши анализа и евалуација на пристигнатите понуди за финансирање на проектот за брзата пруга долж Коридорот 10.
Имено, Министерството за финансии достави писмо за барање интерес до 24 финансиски институции. Рокот за одговор беше 7 јули 2025 година. За реализација на проктот се бараа 1,91 милијарда евра.
Министерството за финансии го испрати барањето за изразување на интерес до меѓународните финансиски институции и комерцијални банки врз основа на Заклучок на Владата. Заедно со барањето Министерството за финансии испрати до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така беше разгледано од страна на Владата, се додава во соопштението на МФ.