Култура
Подготовки за претставата „Народен непријател“ – премиера во рамките на проектот „Патиштата на хероите“
Во подготовка е и финалниот продукт од комплексниот проект „Патиштата на хероите“ со премиера на претставата „Народен непријател“ од авторот Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, чиј носител е Македонскиот народен театар, поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.
Во копродукцискиот проект учествуваат автори од сите партнерски земји: Србија, Словенија, БиХ, Грција и Италија, а во изведба на актерите: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.
Претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој е во право. Премиерата на претставата се очекува кон почетокот на мај 2022 година, на големата сцена на Македонскиот народен театар, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и во регионот.
Проектот „Патиштата на хероите“ е со времетраење од две и пол години, а во рамките на истиот опфатени се бројни програми меѓу кои: професионални работилници, изложби, креативни истражувања, издавачка дејност за деца, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн.
До сега се реализирани неколку креативни работилници преку кои Македонскиот народен театар заедно со издавачката куќа „Гаврош“ со уште 5 (пет) други партнерски земји од Италија – Ла Драматурџи, Грција – Лооп Амке, Босна и Херцеговина – Студио Театар, Словенија – Институт за театарска игра и Србија – Ехо Анимато се занимаваат со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се истражуваат механизмите на создавање и соработка во креативен тим, здружувајќи ги уметниците за преиспитување на нивните сопствени практики, со цел да се подобри уметничкиот тим и да создаде силно општество/заедница.
Исто така, од вкупно дванаесет, снимени се шест краткометражни филмови на повеќе јазици од земјите соработници, кои ќе се емитуваат на првиот програмски сервис на МРТВ. Филмовите, од областа на екологијата, за подигнување на свеста на поединецот и како да се биде општествено одговорен кон природата се титлувани на македонски јазик.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.