Македонија
Градските комунални инспектори со контроли на терен
Одделението за комунална инспекција при секторот Инспекторат на Град Скопје во текот на изминатата недела вршеше контрола на целата територија на Град Скопје.
Инспекторите излегле на терен и извршиле девет контроли на физички лица и на правни субјекти по основ на поднесени електронски преставки на е-пошта [email protected]. Извршени се седум инспекциски надзори по претставки поднесени преку архива поднесени од физички лица и правни субјекти, четири со задолжување со решенија, а изречени се и 3 казни на физички и правни лица по Законот за јавна чистота.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Наша цел е до 2030 година, најмалку 80% од возрасното население да поседува основни дигитални вештини
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје имаше поздравно обраќање на министерска конференција на Управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука и истражување и иновации, во организација на делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
Во своето обраќање, министерот Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација за напредокот на Македонија и регионот. “Денес дигиталните вештини и иновации се клучни за напредокот на нашето општество и економија“.
Министерот Андоновски ги презентираше плановите на Република Македонија во областа на градењето на дигиталните вештини, истакнувајќи:
“Наша цел е до 2030 година, најмалку 80% од возрасното население да поседува основни дигитални вештини. Исто така, се стремиме значително да го зголемиме бројот на ИКТ професионалци, со посебен фокус на зголемување на учеството на жените во оваа област.”
Македонија
Средба Муцунски – Јодер во Вашингтон: истакната потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на земјава
На маргините на Конференцијата на глобалната коалиција за борба против ИСИС, Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со заменик помошникот секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот при американскиот Стејт Департмент, Брандон Јодер.
На средбата стана збор за борбата против корупцијата и поддршката на САД во делот на владеењето на правото, што е меѓу приоритетите во рамките на Стратешкиот дијалог. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка за демократски процеси во земјава.
„Високо ја цениме одлука на американската Влада за зголемување на фондовите за меѓународна контрола на наркотици и спроведување на законот, со посебен фокус на развојните програми за Граѓанска безбедност и спроведување на законот, како и за владеење на правото.”, истакна министерот Муцунски на средбата.
Воедно, соговорниците ја истакнаа потребата од забрзување на евроинтегративниот процес на земјава. Во таа смисла, беше реафирмирана силната поддршка од САД за нашето членство во ЕУ. Поздравено беше и силното сојузништво во рамки на НАТО, поддршката за Украина, како и континуираните заеднички заложби за справување со глобалниот тероризам и современите безбедносни предизвици.
Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го укина бесплатното пливање за првачињата и децата со попреченост во Аеродром
По неколку години Општина Аеродром ја укина програмата за бесплатно пливање за учениците од прво одделение и учениците со попреченост со прво до трето одделение. На последната седница на Советот на Општина Аеродром со одлука беа скратени средствата кои беа наменети за проектот „Учиме да пливаме“. Воведен пред неколку години, овој проект претставуваше едно од малкуте реализирани ветувања на Тимчо Муцунски. Проектот „Учиме да пливаме“ имаше за цел да им помогне на семејствата со деца во прво одделение и деца со попреченост, преку покривање на трошоците за часови пливање, опрема, превоз и обука од сертифицирани едукатори, да придонесе кон правилниот психо-физички развој на овие деца, велат од СДСМ.
„Пред само 4 години, кога СДСМ управуваше со локалната самоуправа, Аеродром беше првата општина во државата што го воведе проектот за интегрирано пливање на децата со попреченост од основните училишта. Проектот во тоа време ги опфаќаше учениците од прво до трето одделение. Благодарение на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и в.д. градоначалникот Дејан Митески, не само што не се реализираат ветените проекти од нивната програма, туку се укинуваат и добри практики од минатото“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Јавно го прашуваме в.д. градоначалникот Митески, дали причината за укинувањето на бесплатното пливање е лошата финансиска кондиција на општинскиот буџет? Останаа нереализирани и ветувањата за спортска субвенција за млади во износ од 600 денари и стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари. Повеќе од очигледно е дека ниту Муцунски, ниту Митески немаат никаков план за иднината на најмладите од општина Аеродром“.