Македонија
Презентирани мерките за помош: Се намалува ДДВ-то и акцизата за горивата, ваучери за загрозени граѓани и пензионери

Премиерот Димитар Ковачевски презентираше два пакета за помош на граѓаните. Тој кажа дека има 26 мерки, поделени во две категории. Се намалува ДДВ-то, се воведува маржа, се намалува акциза за поевтини горива. Владата предвидува и субвенции за струја, како и ваучери за загрозени категории граѓани и пензионери. Има и кредити за инвестирање на компаниите во проекти кои се за енергетска ефикасност, за кои нема да се плаќа камата.
„ Усвоиме пакет од 26 мерки поделени во две категории и тоа за заштита на граѓаните и ликвидност на компаниите: Од 5 на 0 проценти се намалува ДДВ-то на леб, шеќер, ориз, јајца, свежо месо… Се замрзнуваат маржи на основните производи за исхрана. Предвидуваме субвенции за најранливите категории граѓани со вредност од 1.000 денари месечно за три месеци за купување основни производи. Ги укинуваме царинските давачки за увоз на основни производи од сите земји. Се ублажува и ценовниот шок за струјата, повластената даночна ставка која ја воведуваме ќе важи до декември. Со нова методологија ќе има помала цена за мали потрошувачи и домаќинства во однос на струјата. Се субвенционираат пензионерите со 1.000 денари за три месеци, односно 3.000 денари. Ќе се субвенционира и натаму струјата, мерката ќе е активна до јуни 2022 година. Се субвенционира цената на топлинска енергија. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност на општините, со што ќе се намали потрошувачката во јавниот сектор. Даваме препорака за промена на методологијата за нафтените деривати. Препораката е да се менуваат цените на дневна основа. Го пролонгираме давање на зелените давачки за деривати, со оглед на големиот пораст на цените. Ја намалува стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за дел од горивата. Со ова се намалува цената на енергенсите на граѓаните. Ја намалува акцизата врз основа на берзанските цени, што ќе се ублажи цената на енергенсите до 4,3 денари. Дизелот би бил за 10,7 денари помалку, бензин би се точел за 11,5 денари помала цена. Препорака на општините за реорганизација на јавниот превоз за да биде достапен за сите“, објасни Ковачевски.
Тој додаде дека има низа на кредити за финансирање на енергетска ефикасност, зелени кредити, како и кредити за обновливи извори на енергија за компаниите.
„Апелираме до сите институции, стопанство, домаќинства, да водат сметка за трошењето на струјата. Се наоѓаме во сериозна глобална криза, влијанието врз стандардот и економијата се големи. Заеднички ќе ги пребродиме. Стратегијата која ја имаме во овие 26 мерки и препораки, покажува дека сите ресурси се насочени кон граѓаните. Спречуваме ценовен шок врз основните прехранбени продукти и нафтени деривати“, додаде Ковачевски.
Според него, буџетот на Македонија е стабилен и ликвиден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.