Македонија
(Видео) Ковачевски: Поддршката на децата во раните образовни фази е влог за нивната и иднината на општеството
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска учествуваше и се обрати на дводневната конференција „Врската меѓу добросостојбата и училишните постигнувања кај учениците“, која денеска и утре се одржува во Скопје, како заедничка иницијатива на Владата на Република Северна Македонија, британската амбасада во Скопје, Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).
На свеченото отворање на конференцијата, покрај премиерот Ковачевски, се обратија и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја Патриција Диџовани.
Ковачевски истакнувајќи дека за него од аспект на родител и професор од исклучителна важност е добросостојбата на учениците и студентите во текот на нивното образование, а од гледна точка како премиер смета дека конференцијата ќе придонесе за сериозни сознанија и препораки, кои се добредојдени во креирањето на социјалните политики за децата во образовниот процес и на синергијата на тие политики низ програмите на ресорните министерства, за труд и социјална политика и за образование и наука.
„ Сите деца, без исклучок, го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот. Првите средини коишто им го овозможуваат се пријателските воспитни и образовни институции. Докажано е дека децата коишто растат во поттикнувачка домашна средина и кои имаат шанса за организирани програми во предучилишното и првостепеното образование постигнуваат подобри резултати и имаат подобри перспективи во животот“, оцени премиерот Ковачевски подвлекувајќи дека наша одговорност е да обезбедиме солиден социјален и емоционален развој во раните години на децата, кои подоцна во зрелоста ќе станат еманципирани граѓани, првенствено за себе, а потоа и за својата заедница.
Посочувајќи го значењето на училиштата како социјални средини каде децата ги градат своите карактери и стекнуваат независност, развивајќи значајни релации меѓу себе и наставниците, Премиерот покрај академското и формално знаење ја оцени и потребата од квалитетни вонпрограмски курикулуми за демократија, за еднаквост, за социјална правда, критичка анализа, важни за улогата на граѓаните во преземање акции за позитивни промени.
„ Затоа беше многу важна и одлуката за повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство. Јас, пред започнувањето на конференцијата, имав состанок со претставничката на УНИЦЕФ и таа изрази задоволство дека при носењето на одлуките на Владата, секогаш се водиме од препораките на Комисијата за заразни болести и секако од препораките на УНИЦЕФ како организација која има голем број емпириски студии на располагање, особено во областа на децата и нивниот воспитно-образовен процес“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека поддршката што ја даваме на децата во текот на нивниот развој е најголемата инвестиција и влог за нивна посигурна и попросперитетна иднина и за иднината на општеството.
Посакувајќи успешна работа, премиерот Ковачевски повтори дека учесниците на конференцијата „Врската меѓу добросостојбата и училишните постигнувања кај учениците“ ќе биде од голема помош и благосостојба при унапредувањето на образовниот систем.
На конференцијата учествуваат експерти за образование од регионот и пошироко споделувајќи искуства и податоци за најновите сознанија во областа на социо-емоционалното учење во раното детство и растечката важност на технологијата и дигиталните вештини, во насока на нивното поврзување со целокупната добросостојба на учениците и менталното здравје.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со своето обраќање го отвори блокот дискусии за значењето на предучилишното образование, потребата од холистичкиот развој во детството и растечката важност на социо-емоционалното учење во раното детство.
На вториот ден од конференцијата, утре, предвидено е да се обрати и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој ќе ја отвори сесијата која опфаќа дискусии за тоа како образовниот систем да поттикнува иновација, конкурентност и напредок, истовремено негувајќи солидарност и добросостојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

