Македонија
Запален автомобилот на сопругата на Шилегов
Три часа по полноќ во скопската населба Тафталиџе избувнал пожар во кој изгорел автомобилот што го управувала Јасмина Шилегова, сопруга на ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Покрај нејзиниот, изгорело уште едно возило „пасат“, кое било во сопственост на комшии на Шилегови. Зафатени биле и две други возила – „нисан“ и „матиз“. Петре Шилегов за „Макфакс“ вели дека немал никакви дојави за да се сомнева дека ќе биде запален автомобилот на сопругата.
„Не знам што се случило. Ние пријавивме опожарени возила, едното е џипот на сопругата и другото е ‘пасатот’ на комшијата. Немам индиции никакви, прерано е да кажам, истрагата е во тек. Очекувам дека полицијата бргу ќе ја заврши истрагата. Нема никакви најави или дојави за таква работа. Стварно не знам. Нема повредени, за жива среќа, бидејќи автомобили се купуваат, ама луѓе не. Немам ништо официјално за причините. Бидејќи, веројатно, почнаа гумите да пукаат, тоа ме разбуди, пријавив веднаш во Пожарната и во полиција.
Од МВР велат дека настанот бил пријавен во три часот по полноќ.
„Избувнал пожар во патничко моторно возило ‘ауди’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а паркирано од Ј. Ш. Од пожарот зафатени биле и патнички моторни возила ‘пасат’, ‘матиз’ и ‘нисан’, со скопски регистарски ознаки, сите сопственост на Д. М. (53)“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендов променливо облачно време, на повисоките места слаб снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. На планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Во недела во утринските часови на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од понеделник времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла со пониска дневна температура.
фото: епа
Македонија
Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“
По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, и предизвикуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.
„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Најдени се бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика каква што имаат веќе заболените, и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца од фецес, е едно е позитивно на норовирус – вирус кој се пренесува многу лесно и долго време живее на работните површини, како што се маси, столчиња. Брисевите од грло и нос од пет деца во текот на вчерапниот ден се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.
Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.
Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.
Македонија
(Видео) Не тргнувајте кон Бит Пазар и Чаир: прославата на албанското знаме направи хаос во сообраќајот
Поради прославата на Денот на албанското знаме, сообраќајот во Чаир попладнево е силно отежнат, а делови од улиците кон Бит Пазар речиси се непроодни. Според граѓани кои се затекнале во областа, движењето е овозможено само во лентата резервирана за дефилето, додека останатите ленти и околни улици се блокирани со возила, што предизвикува застои и невозможност за движење.
Колоните што се движат со полициска придружба тргнуваат од пред Општина Чаир кон плоштадот Скендер-бег.
Денес, Денот на албанското знаме се одбележува во Албанија, како и меѓу Албанците во регионот и дијаспората. Празникот се слави како симбол на културна самосвест и национална припадност, со официјални манифестации.

