Македонија
Милевски со поддршка за барањата на украинските либерали: Итно прекинување на сите воени дејствија
Претседателот на ЛДП Горан Милевски оствари средба преку видеоvрска со лидерката на Голос од Украина, пратеничката Кира Рудик, која утрото пред средбата учествуваше на воена обука. На средбата на која присуствуваа и пратениците на ЛДП Моника Зајкова и Боби Мојсовски, Милевски ` изрази поддршка на Украина и апелира Европа да направи се за да го спречи Путин во воените дејствија и да се заштитат цивилите од бомбардирања.
„На лудоста на Путин мора да се стави крај. Да му се дадат 48 часа да се повлече од Чернобил, бидејќи состојбата станува критична. Веќе 15-ти ден украинскиот народ страда. Киев не смее да стане нов Алепо (н.з. Сирија). Путин продолжува да лаже – во Украина се бомбардираат луѓе, деца умираат, а цивилите топат снег за да имаат вода во Мариупол. Руските окупациски трупи се пред самите градови и ни треба поддршка за воздушна одбрана. Имаме медицинска опрема и воена опрема, но не ни е заштитено небото, затоа ни недостасуваат воени авиони и противвоздушна одбрана“, изјави Рудик од украинските либерали.
Таа преку молба апелира до целиот свет, особено НАТО, да испрати воздушна заштита, истакнувајќи ја сериозноста на состојбата со нуклеарната централа во Чернобил.
„Сè може да се случи, но доколку има нуклеарна експлозија сите ќе бидеме беспомошни, појаснува Рудик и вели дека украинската армија е подготвена и мотивирана од меѓународната поддршка, дека пристигнала помош и од 16.000 доброволци. Тие знаат дека голем дел од рускиот народ ја осудува оваа војна“, додава Рудик.
Во името на сите членови на ЛДП и на македонските граѓани, Милевски изрази сочувство за изгубените животи и за повредените во безумните воени операции раководени од Кремљ во Украина, кои со ништо не може да бидат оправдани. Милевски потсети дека ЛДП целосно застанала во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, а за таа цел на иницијатива на ЛДП е изгласана декларација во Собранието со која се осудува руската агресија.
„Потребно е итно прекинување на сите воени дејствија и безусловно повлекување на руските воени сили на територијата на Руската Федерација. Восхитени сме од борбеноста и одлучноста на Украинците во одбрана на нивната татковина. Учествувавме и на протестите организирани од украинските здруженија во Скопје и заедно со колегите од регионот, од Европа и целиот демократски свет, ќе продолжиме со конкретни активности да влијаеме за запре инвазијата врз Украина. Проблемите се решаваат со дијалог а не со војна“, истакна Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 16 часот
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, информира дека на основа на добиените информации од различни градови и региони, состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна и редовна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, додека во некои региони има активности и ангажирање на службите поради зголемени водостои и одрони на патиштата.
Региони со нормални состојби
– Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот и Источниот регион имаат стабилна состојба, со слаби или повремени врнежи од дожд, зголемени водостои на реките, но без излевања, поплави или нарушувања во сообраќајот и други сегменти.
Региони со ангажирање и активности
– Тетово (Северозападен регион) – состојбата е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикале потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар, па барано е од „Македонија пат“ веднаш да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување на безбеден сообраќај.
– Штип и Кочани (Источен регион) – има слаби врнежи од дожд и зголемени водостои на реките, но нема поплавување; во општината Кочани на Оризарска река од понеделник продолжува работа на механизација на „Водостопанство“ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми.
Патни правци
– Истибања–Делчево–Граничен премин (Источен регион) – има почести пријави за одрони на камења, па екипи на „Македонија пат“ постојано се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот, со поставување на контролни точки и временски ограничувања за возилата.
Кичево
Поради повторните врнежи од дожд, водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но засега се под нивото на излевање. Критично е кај ул. Прилепска, во населбата претходно најпогодена со околу 125 поплавени објекти.
Екипи на ЈП „Комуналец“ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ПО ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата „Инсталација“ расчистува кај училиштето „Санде Штерјоски“ и градинката „Ластовички“.
Состојбата со 125-те поплавени објекти останува непроменета. Евакуирани се 150 лица, сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде ЦК Кичево обезбедува грижа, медицинска контрола и храна.
Регионални патишта во Дебар (Југозападен регион) – има слаби врнежи од дожд, дотокот на Радика е зголемен, но без опасност од излевање; екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга, за да се одржи непречено движење на сообраќајот.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.

