Економија
Општина Центар досега нема продадено ниту 1 квадратен метар државно земјиште

„Општина Центар – Скопје од преземањето на надлежностите од Министерството за транспорт и врски во декември 2018 година не продала ниту еден квадрат градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање. Во случајот се работи за две посебни градежни парцели, од кои за едната, ГП 37.3, со намена А2-домување во станбени згради од ДУП Градска четврт Ј 07, Општината поведе постапка за дооформување градежно земјиште. Сопственикот на парцелата го исполнил условот наметнат од законот, односно поседувал над 30 % од градежната парцела, Општината постапила во согласност со законот и ја спровела постапката“, известуваат од Општината.
Појаснуваат дека за другата градежна парцела, ГП 37.2 од ДУП Ј 07, со намена Б 5-хотелски комплекси, сопственикот купил само дел од земјиштето под легализирани објекти во согласност со законот, со што другите постапки за земјиштето не се водени пред Општина Центар.
„Се работи за продажба на земјиште од страна на Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии, кое спроведува постапка по барање од инвеститор за приватизација на ова градежно земјиште. Државното земјиште е отуѓено по цена што е формирана со уредба за висината на надомест за приватизација на градежно земјиште, објавена во ‘Службен весник’ уште во 2011 година“, информираат од оваа институција.
Општина Центар, додаваат од таму, во најмала рака сегашното раководство, досега не продала ниту квадрат државно земјиште.
„Горан Герасимовски, актуелниот градоначалник на општина Центар, уште во предизборниот период во многу наврати повтори дека нема да дозволи злоупотреба на ниту една педа државно земјиште. Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Герасимовски излегува на терен и прави увид при издавањето на секое одобрување за градба, дали просторот одговара за понудената цена, на каква местоположба се наоѓа итн. Тоа е она што недостигаше во ВМРО-ДПМНЕ. Овој вид зделки и акции, во кои со маскирани возила нивни сопартијци бараа локации на Водно, е типично однесување за нив“, потенцираат од Општината.
Појаснуваат дека Општина Центар и новото раководство има единствен интерес – хуман урбанизам и подобри услови за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.