Македонија
Викендов променливо облачно и студено со сончеви периоди
Времето викендов ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Во источните подрачја ќе има услови за провејување слаб снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -4, а максималната ќе достигне од -2 до 7 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и студено. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -8, а максималната ќе достигне 5 степени.
И в недела ќе се задржи променливо облачно и студено време со сончеви периоди и температури под просекот за овој период од годината. Постепен пораст на температурите ќе има од понеделник и во деновите потоа кога ќе преовладува сончево време со појава на мала до умерена локална облачност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.
Македонија
(Видео) МВР со засилени превентивни и репресивни мерки против употребата на пиротехнички средства
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, денеска на Плоштад „Македонија“ присуствуваа на показна вежба на децата од средното скопско училиште „Владо Тасевски“, во рамки на превентивната кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“.
Кампањата се реализира во организација на СВР Скопје – Одделение за превенција и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, а нејзиниот фокус е ставен на подигање на јавната свест за сериозните ризици и последици од неовластената употреба на петарди и други пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Министерот Тошковски упати благодарност до сите институции и учесници вклучени во кампањата, нагласувајќи дека заштитата на животот и здравјето на најмладите е врвен приоритет.
„Овие превентивни активности имаат огромно значење. Ниту една прослава не вреди колку здравјето и животот на нашите деца. Благодарност до Црвениот крст, до Клиниката за пластична хирургија, до Средното училиште ‘Владо Тасевски’ и до учениците кои со своето учество испратија силна порака до јавноста“, изјави министерот Тошковски.
Во своето обраќање, министерот посочи дека Министерството за внатрешни работи годинава бележи значително зголемена откривачка активност во делот на нелегалната пиротехника.
„Заклучно со месец ноември 2025 година, откриени се околу 155.000 парчиња пиротехнички средства, што е речиси трипати повеќе во споредба со 2024 година, кога беа откриени околу 52.000 парчиња. Само во текот на овој месец, во рамки на посебна оперативна акција, запленети се дополнителни над 30.000 парчиња пиротехника“, истакна Тошковски.
Тој нагласи дека овие бројки се доказ за интензивната работа и посветеноста на полициските службеници, но воедно и аларм за големиот обем на пиротехнички средства што циркулираат во државата.
„Ќе продолжиме со решителни репресивни мерки, но превенцијата е суштинска. Мораме заеднички да ја подигнеме свеста дека пиротехниката не е неопходна за убави празници. Оваа порака ќе ја пренесуваме не само во Скопје, туку и низ целата држава“, порача министерот за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да се воздржат од користење на пиротехнички средства и заеднички да придонесат кон безбедни и мирни празници за сите.

