Економија
(Видео) Бесими: Пониски цени на храната и горивата за заштитен стандард на граѓаните

Законските решенија од сетот мерки што Владата ги донесе неделава, а се однесуваат на намалување на ДДВ и акциза кај основните прехранбени производи и горивата стапуваат на сила, а граѓаните може да очекуваат тоа да влијае на намалување на малопродажните цени и на домашната потрошувачка кошница.
Денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, заедно со директорките на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и на Царинската управа Славица Кутиров ги претставија усвоените измени на прес-конференција, на која го потенцираа значењето од брзата реакција на сите институции вклучени во процесот, тие да бидат донесени и да почнат да се применуваат, по синоќешното усвојување во Собранието.
Министерот посочи дека со законските решенија ДДВ за основните прехранбени производи ќе изнесува 0%, кај ДДВ за електрична енергија во текот на цела 2022 година ќе продолжи да се применува стапка од 5%, повластена стапка од 10% за горива и намалување на акцизата за горивата за 1, 2 или 4 денари по литар, согласно берзанските движења.
Тој појасни дека намалената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0% ќе се применува до крајот на мај, а се однесува на леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежо месо, ориз и јајца. Со оваа мерка, потенцира министерот, ќе се изврши надолен притисок врз малопродажните цени на овие производи со што ќе се делува и на намалување на вредноста на потрошувачката кошница, а за да има позначаен ефект оваа мерка ќе се спроведува паралелно со мерката за замрзнување на цените кај овие производи. Фискалните импликации од оваа мерка се 430 милиони денари.
Продолжувањето на примената на повластената стапка од 5 % на ДДВ кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, е мерка што беше донесена уште минатата година за да се заштити животниот стандард на граѓаните преку ублажување на ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи. Министерот Бесими рече дека вредноста на оваа мерка изнесува 2,7 милијарди денари на годишно ниво.
Тој дополни дека Владата ќе даде и препорака за воведување блок тарифи, за да се постигне пониска цена на струјата за помали потрошувачи, да се обезбеди поголема енергетска ефикасност и пониски трошоци за домаќинствата со пониски примања.
Мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18 % на 10 % на енергентите, односно на безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан е со цел заштита на куповната моќ на крајните потрошувачи, но и на земјоделците кои произведуваат во мал обем. Мерката има фискални импликации од околу 400 милиони денари.
Дополнително влијание на цената на горивата ќе влијае и намалувањето на акцизата за 1, 2 или 4 денари. „Ова, рече министерот, директно ќе влијае врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, согласно берзанските движења. Вредноста на оваа мерка е околу 900 милиони денари.
Дополнително се укинува плаќањето на ДДВ при увоз на енергенти со што се подобрува ликвидноста на стопанството.
Бесими посочувајќи дека глобалната ценовна криза е реалност рече дека сите треба да сме свесни за ситуацијата и да се однесуваме одговорно, и институциите на државната управа, и граѓаните и трговците.
„Она што Владата треба да го прави – го правиме. Донесовме мерки во вредност од 400 милиони евра за да ги амортизираме притисоците врз стандардот на граѓаните и економијата и како што гледате со голема брзина ги операционализираме“, рече министерот Бесими кој додаде дека со законските решенија е дефинирано како овие мерки ќе се применуваат и ќе овозможат брз одговор и реакција од институциите и во иднина.
Тој упати апел до граѓаните да бидат штедливи со енергијата, да не веруваат на лажните вести.
„Пред нас е, рече, уште еден предизвик, но како што сите заедно успеавме да пребродиме и други, би кажал посилни предизвици, ќе го пребродиме и овој. Само одговорно и сложно“, рече министерот Бесими.
Тој оцени дека ситуацијата со руско-украинската криза е неизвесна, но дека има и позитивни очекувања – Европската централна банка очекува еврозоната да оствари раст годинава, додека инфлацијата да остане умерена, едноцифрена стапка, што е добра вест за нашата економија со оглед на изложеноста кон европската.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференцијата истакна дека Управата за јавни приходи, во изминатиот период, заедно со сите чинители на општеството, посветено работеше на мерките кои се однесуваат на даноците.
„Во таа насока, оцени, ја намаливме повластената стапка на ДДВ за: лебот, брашното, шеќерот, маслото за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата со што директно влијаеме врз крајната цена која граѓаните треба да ја платат за основите производи за исхрана. Овие производи целосно ги ослободивме од ДДВ. Со оваа мерка, заштедуваме пари на граѓаните и на тој начин ја зачувуваме куповната моќ“, рече Лукаревска.
Директорката на Царинската управа Кутиров се осврна на спроведување на мерката која се однесува на намалување на акцизата при што потенцира дека оваа мерка ќе се имплементира веднаш по добивање информација од Регулаторната комисија за енергетика.
„Мерката за намалување на акцизи врз основа на средна берзанска цена носи дополнително намалување на давачките за енергентите: дизел, безоловен бензин 95 и 98, гасно масло (екстра лесно масло за греење). Намалувањето на акцизата ќе изнесува 1, 2 или 4 денари во зависност од средната берзанска цена утврдена од страна на Регулаторна комисија за енергетика. Утврдувањето на износот на акцизата ќе се врши два пати месечно, а ќе се применува на 1-ви и на 15-ти во месецот. Мерка ќе важи до 31.05.2022, изјави Кутиров.
Сетот мерки што ги усвои Владата е проценет на 400 милиони евра, од кои 100 милиони се откажување на приходи планирани во Буџетот, додека 300 милиони се буџетски расходи. Тие, како што беше посочено на прес-конференцијата ќе се реализираат онака како што се планирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.