Економија
Конференција „Од марш за работнички права до дигитална економија“

Во време на дигитална ера и потенцијлен развој на дигитална економија, дигиталниот јаз меѓу мажите и жените сѐ повеќе ќе се зголемува. Оваа конференција е повик за будење во корист на активните политики за родова еднаквост и креирање овозможуачка околина која ќе отвори нови можности за економски развој и зајакнување на жените во Република Северна Македонија во оваа сфера, потенцира Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), со што ја отвори денешната конференција „Од марш за работнички права до дигитална економија“ во Скопје.
„Главниот предизвик во иднина ќе биде прашањето како да се искористат можностите што ги дава дигиталната револуција и, од друга страна, да се минимизираат ризиците жените да заостанат во овој процес. Оттука, мора да работиме на структурни промени и ка креираме јавни политикии и стратегии што ќе овозможат поголема еднаквост и еднакви можности на мажите и жените во дигиталната сфера“, додаде Малеска-Сачмароска.
Настанот беше под покровителство на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, која им се обрати на присутните. По неа, говореше и Ерик Јановски, претставник на канцеларијата на УСАИД во земјата, поддржувач на настанот.
На конференцијата се обратија моќни жени од разни институции, компании и здруженија од земјава. Целта на настанот беше да се влијае на зајакнување на женското претприемаштво преку дискусија за постојните мерки за поддршка на женското претприемаштво и потребата за владина поддршка преку креирање сет мерки за зајакнување економската улога на жената и дигиталната трансформација на женските бизниси.
На првиот панел „Политики за поддршка на женско претприемаштво“, што го модерира извршната директорка на ЦУП, учество зедоа Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Размена Чекиќ-Дуровиќ, државен секретар во Министерство за економија, Нина Ангеловска, претприемачка и претседателка на Асоцијацијата за е-трговија и eTrade for Women Advocate на UNCTAD, и Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жените.
На вториот панел „Дигитализацијата како предизвик за градење успешни женски бизниси“, што го модерира Јасна Пајковска, проектна координаторка во ЦУП, а учество зедоа Анета Пешева, претседателка на МАСИТ, Валентина Тасева, директорка на „СЕМОС едукација“, Ирена Поповиќ, софтверски инженер и косопственичка на СОЛС, Катарина Милошевска, косопственичка и директорка на „Инфоверсe“, Весна Иваноска, директорка на „СЕАВУС едукативен и развоен центар“, Весна Кузмановиќ, сопственичка на „Стратиум рид“, и Викторија Дранговска, извршна директорка и косопственичка на CodeIT.
Конференцијата беше дел од проектот „Мерки за зајакнување женски бизниси по Ковид-19“, поддржан од Balkan Trust for Democracy и USAID.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.